Правна помош со искуство во арбитража за неиспорачаните локомотиви

Раководството на Железници на РСМ Транспорт ад Скопје ќе  формира интерна комисија која ќе и даде насоки на Владата за правните можности по нереализираната набавка на локомотиви за ова железничко претпријатие, со ангажирање правна помош со искуство во арбитража.

На денешната седница на Владата е усвоена Информацијата за состојбата со набавката на локомотивите за потребите на Железници Транспорт. Интерната комисија треба да ја прикаже од технички и правен аспект состојбата со набавката на локомотивите  откако кинескиот производител испорача само една од договорените четири и за причините зошто не е направен технички прием на патничките гарнитури.

– Владата ги задолжи Органите на управување на Железници на Република Северна Македонија – Транспорт АД Скопје, да формира интерна Комисија која детално ќе ја разгледа и ќе ја прикаже состојбата од технички и правен аспект, со хронологија на настаните, и да ангажира правна помош од надворешно лице, со искуство во арбитражи, кое врз основа на целокупната документација ќе може да и даде насока на Владата за правните можности со цел да се изготви акциски план и стратегија за понатамошно постапување за нереализираната набавка, соопшти владината прес-служба.

Од Железници Транспорт неодамна за МИА изјавија дека се во тек преговори со кинеската компанија ЦРРЦ за исполнувањето на обврските од договорите за обнова на возниот парк со патнички гарнитури и локомотиви, а кои се однесуваат на некои технички недостатоци. Доколку преговорите не бидат успешни, како правна можност е започнување на арбитражна постапка пред Арбитражниот суд во Скопје.

-Првата електрична локомотива од Договорот за набавка пристигна  во мај годинава, но за неа се уште не е добиена комплетната техничка документација и потребниот европски Сертификат за импероперабилност  (ТСИ сертификат) за да биде пуштена во сообраќај. Не е извршен технички прием на пристигнатите две електро-моторни гарнитури и четирите дизел моторни гарнитури поради тоа што се воочени одредени технички недостатоци, кои не го загрозуваат нивното учество во сообраќајот, при почнување на процедурата за технички прием, информираа од железничкото претпријатие.

Договорот за набавка на четирите електрични локомотиви беше потпишан во јануари 2017 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *