За разрешувањето на Јанева ќе се расправа утре, се бара декласификација на извештајот

 За евентуалното разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе се расправа утре, за кога е закажана седницата на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, на која ќе се разгледува извештајот на Советот на јавни обвинители за овој случај.

Се уште не се знае дали за Извештајот ќе се расправа зад затворени врати или седницата ќе биде јавна, бидејќи иако Советот за јавни обвинители Извештајот до Собранието го испрати како класифициран материјал, претседателот на Комисијата Илија Димовски најави дека ќе испрати барање до новиот претседател до Советот на јавни обвинител Ацо Колевски, да го декласифицира документот.

За тоа дали седницата ќе биде јавна или затворена, Димовски смета дека треба да одлучи Комисијата со двотретинско мнозинство, а не тоа да биде одлука на Советот на јавни обвинители. Негов личен став е дека Комисијата за прашањата за избори и именувања треба да биде отворена за јавноста заради, како што рече, поголема доверба на граѓаните во Собранието и правосудниот систем.

Доколку се одлучи седницата за извештајот да биде затворена, на неа ќе можат да присуствуваат исклучиво членовите кои имаат безбедносен сертификат, но и пратеници кои не се членови, а поседуваат валиден сертификат за класифицирани информации. Од 13 членови на комисијата, 10 имаат безбедносен сертификат, а исто, како и замениците. Тој истакна дека со ангажирање на заменици на местото на членовите кои немаат сертификат, нема да се наруши соодносот во Комисијата.

Одлуката на Комисијата и заклучокот во однос на постапката на разрешување на Јанева се носи со просто мнозинство.

Димовски најави дека ќе побара од Талат Џафери информација кои се четирите политички партии за да обезбеди согласност во врска со оваа постапка, бидејќи, како што реше и за евентуално разрешување е потребна таква согласност како и за назначувањето.

Претседателот на Комисијата смета дека во извештајот, што досега имале можност да го разгледуваат само тој и Џафери, има доволно елементи за постапката за разрешување да биде почната и завршена.

Информира и дека на пленарната седница нема да се расправа по извештајот на Советот на јавни обвинители, туку по извештај и заклучок што ќе го донесе Комисијата за прашањата за избори и именувања.

Според собранискиот Деловник откако ќе заврши расправата на Комисијата, претседателот на Собранието ќе треба да свика пленарна седница за разрешувањето на Јанева. Конечната одлука на пратениците ќе треба на крајот да ја потврди и Советот на обвинители

Претседателот на Собранието Талат Џафери завчера го достави извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева до претседателот Димовски под назнака „доверливо“. Тој во собранието стасал на 30 август кога не бил класифициран како доверлив материјал, а утредента Советот на јавни обвинители испратил допис со кој го класифицирал.

Од Советот на јавни обвинители, истакнуваат дека ќе чекаат барањето од Димовски за декласификација на материјалот да стаса официјално до нив, а потоа на седница со мнозинство на седница ќе одлучуваат.