Г-дине Столтенберг ова е прва ваша посета на Македонија. По речиси четири години во земјава доаѓа генерален секретар на НАТО. Вашата посета се случува во многу важен период за нашата земја кога очекуваме решение за името со Грција и забрзување на евроатланската интеграција. Која ќе биде вашата главна порака до македонските власти?
– Имам две главни пораки за време на мојата посета на Скопје. Прво, дека остануваме посветени на поддршката на вашата земја на патот кон членството во НАТО. Ова е во согласност со одлуката донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година и повторена во нашите декларации во Велс и Варшава.
И второ, работата на вашата Влада на реформите е исто така важна за НАТО. Затоа ве охрабрувам да продолжите со спроведувањето на реформите, кои ќе го зајакнат владеењето на правото и вашите демократски институции.
Решавањето на прашањето за името е задача на вашата држава и Грција со посредство на Обединетите Нации. Не е до мене да предложам решение. Но јас го поздравувам моментумот од неодамнешните состаноци и ја охрабрувам вашата Влада да истрае во овие напори.
Како го оценувате придонесот на Македонија во меѓународните мировни мисии, Македонија речиси 15 години придонесува во мировните мисии, Ирак, Авганистан, мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина и мисијата на ОН во Либан?
Ние сме благодарни за долгогодишните придонеси кон нашите операции и мисии во Авганистан и во Косово. Го цениме вашиот зголемен придонес кон нашата мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан оваа година и вашата континуирана поддршка со линиите за комуникација на КФОР во Косово.
Ова како и другите придонеси кон нашите операции во текот на многу години покажуваат дека вашата земја е извозник на безбедност, што ја прави нашата евроатлантска зона побезбедна и посигурна. Исто така, добредојдени се и вашите придонеси во други операции под покровителство на ЕУ и ОН. Тие обезбедуваат солиден и вреден придонес кон меѓународната безбедност, во полза на сите.
Дали очекувате Македонија на Самитот на НАТО во Брисел на 11-ти и 12-ти јули да добие покана за членство и, како што повеќе пати досега напоменуваше македонскиот премиер Зоран Заев, да стане 30. земја членка?
– Сојузниците се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи на Алијансата откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН. НАТО останува целосно посветена во поддршката на вашата земја на патот кон очекуваниот пристап во Алијансата.
Но, како што реков, работата на вашата Влада на ефективни реформи чија цел е зајакнување на демократските институции и владеењето на правото е исто така важна за НАТО. Сојузниците на НАТО ќе го оценат напредокот на секоја земја-аспирант до април. Тоа ќе биде можност за сите земји-аспиранти да им покажат на сојузниците какви реформи се преземени за да бидат корисни членки на Алијансата.
Во последните неколку месеци видовме напредок во многу области, но треба да се направи повеќе. Ги охрабрувам сите политички партии во земјата да се вклучат во отворен и конструктивен дијалог. И да се фокусираат на политичките и економските реформи кои сојузниците ќе ги разгледуваат подоцна оваа година.
На самитот на НАТО во Букурешт во април 2008 година беше потврдена подготвеноста на земјата за полноправно членство во Алијансата, но Грција го искористи правото на вето, повикувајќи се на нерешениот спор со името. Ваша проценка, дали Македонија во Брисел ќе добие покана, дури и ако не го решиме прашањето за името, под привремената референца, ПЈРМ?
– Не. Позицијата на НАТО останува непроменета. Сите одлуки во НАТО се донесуваат врз основа на консензус помеѓу сите НАТО сојузници. На самитот во Букурешт и на последователните самити, тие се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи, откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН. Затоа силно ги охрабрувам засегнатите да ја искористат можноста и да вложат дополнителни напори во изнаоѓање решение. Ние сакаме да бидеме во можност да ви посакаме добредојде во Алијансата и ќе продолжиме да работиме со вас за да ја направиме вашата аспирација за членство успешна.
Во 1999 година, Македонија стана кандидат за членство на Самитот на НАТО во Вашингтон, кога започна подготовката и спроведувањето на Акциониот план за членство. Го достигнавме 18-тиот циклус. Кои се вашите проценки за напредокот на земјата и исполнувањето на критериумите за пристапување во Алијансата?
– Со Владата во Скопје работиме во рамките на Акциониот план за членство (МАП) повеќе години. Ја поздравувам Владата за постојаното зголемување на трошоците за одбраната и за напорите насочени кон подобрување на соработката со соседите. Владеењето на правото, функционалното мултиетничко општество, борбата против корупцијата и доброто владеење остануваат важни области. Видовме обновени напори во однос на реформите со формирањето на новата Влада минатата година. Она што е важно сега е стабилно и ефективно спроведување на реформите. На пример мошне е важно да се овозможи ефикасна работа на Специјалното јавно обвинителство и на новиот јавен обвинител назначен од Собранието. Потребно е и да продолжат напорите за борба против корупцијата во сите политички партии. Владата изнесе конкретни реформи и мерки во својот реформски план во тесна соработка со Европската унија, а ние ја поттикнуваме нивната целосна имплементација.