Подобрување на квалитетот на високото образование во нашата земја, соработката меѓу високо образовните институции од двете земји, како и опциите за евентуална понатамошна продлабочена соработка, беа темите на кои дискутираа на средба претставници на државниот универзитет Лондон Метрполитен од Велика Британија со министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Целта на посетата на делегацијата од универзитетот Лондон Метрполитен е отворање регионален центар Еуро Колеџ (Скопје Метрополитен), кој е резултат на тригодишната соработка помеѓу Лондон Метрополитен и ПВПУ Еуро Колеџ Куманово.
Според министерот Адеми, оваа првична средба е добар сигнал за евентуална идна плодна соработка, пред се од облста на ИТ, бизнис менаџментот и друго.
– Ние како Министерство за образование и наука сме заинтересирани таа соработка да ја продлабочиме на повеќе сфери, со единствена цел да се подобри квалитетот на високото образование, да се нудат повеќе можности и за нашите студенти тука, но и од стуидентите надвор од нашата земја, изјави министерот Адеми по средбата.
Д-р Венди Блоиси, професор од Лондон Метрополитен изрази задоволство што може да соработува со Северна Македонија и да и помогнат на Владата на кој било начин да се подобри квалитетот на образовниот процес. Информира дека соработуваат во областа на образованието со универзитети во Русија, Германија, Шпанија…
Инаку, центарот Еуро Колеџ (Скопје Метрополитен), освен што на своите студенти ќе им го понуди искуството да студираат за диплома на државен британски универзитет, исто така ќе биде можност за создавање нови соработки, академски партнерства, можности за пракса, во Република Северна Македонија и пошироко.
– Процедурите за отворање на регионалниот центар се при крај и се очекува Еуро Колеџ (Скопје Метрополитен) да започне со работа веќе на почетокот на 2020 година со студенти од втор циклус на програмата Бизнис Администрација, а во текот на 2020 година ќе започне и со упис на студенти во прв циклус на студии на истата програма, појаснуваат од Еуро Колеџот (Скопје Метрополитен).
Еуро Колеџ (Скопје Метрополитен), во текот на 2020 година, како што информираат, ќе започне и со упис на студенти на студии по информатички науки. Програмите и истражувањата кои ги има Лондон Метрополитен во областа на сајбер безбедноста, подвлекуваат, се признаени во светски рамки и ова е многу важна новина за македонскиот образовен систем.
– Експертското знаење и искуство кое го има Лондон Метрополитен, во чии рамки функционира еден од најпрестижните центри за сајбер-безбедност, ќе биде од големо значење за македонскиот образовен систем, нудејќи ги најновите научни и технолошки сознанија и во земјава, потенцираат од Еуро Колеџ (Скопје Метрополитен).