Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој синоќа пристигна во официјална посета на Скопје, со средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска ги почна средбите со македонскиот државен врв, како и со лидерите на дел од партиите застапени во Собранието.
Столтенберг по разговорите на Димитров заминува на средба со претседателот Ѓорге Иванов, а потоа во Министерството за одбрана и со министерката Радмила Шекеринска.
Првиот човек на НАТО попладне ќе им се обрати на пратениците, а во Собранието ќе има средби со претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Официјалните активности генералниот секретар на НАТО ќе ги заврши со средбата со премиерот Зоран Заев. Тој во Владата ќе биде пречекан со највисоки почести, а по средбата предвидена е завршна прес-конференција.
На средбите во Скопје, како што се очекува, Столтенберг ќе даде потврда за досега сработеното од новата Влада во реформскиот процес на патот на европските и евроатланските интеграции, но ќе изнесе и насоки кон кои земјата треба да се движи на патот до НАТО.
На Столтенберг ќе му бидат презентирани достигнувањата во надворешната политика изминатот период, со акцент дека членството во НАТО и ЕУ, добрососедските односи и регионалоната соработка се трите стратешки приоритети на надворешната политика на земјава.
Се очекува Столтенберг да испрати порака и до опозицијата, која најави дека ќе се врати во Собранието за да го проследи неговиот говор, да се вклучи во работата на законодавниот дом и во соработката во процесот на спроведување на реформите во земјата.
Во делот на посетата на делегацијата на НАТО во Владата, програмата предвидува и пленарни разговори меѓу владината и делегацијата на Алијансата.
НАТО ќе ја покани Македонија да се приклучи како негова земја-членка откако ќе биде постигнато взамно прифатливо решение во спорот со Грција за името, порача генералниот секретар на НАТО во интервјуто за МИА, кое го даде непосредно пред неговото пристигнување во првата официјална посета на земјава.
На прашањето дали Македонија ќе добие покана за членство на самитот во НАТО во Брисел и без решено име, под привремената референца ПЈРМ Столтенберг е дециден дека позицијата на Алијансата останува непроменета.
– Не. Позицијата на НАТО останува непроменета. Сите одлуки во НАТО се донесуваат врз основа на консензус меѓу сите НАТО сојузници. На самитот во Букурешт и на последователните самити, тие се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи, откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН, истакна Столтенберг во интервјуто за МИА.