Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, в сабота, на 7 септември во Тирана ќе одржи изборен конгрес.
– На Конгресот ќе бидат избрани новите органи и тела на партијата, претседател за наредниот четиригодишен мандат, Централен комитет и партиските комисии. Исто така ќе биде усвоена Резолуција за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Република Албанија,информираа од партијата.
На овој највисок партиски собир ќе учествуваат 81 делегат од Мала Преспа, Корча, Билишта, Поградец, Тирана, Елбасан, Драч, Кукс, Гора и Голо Брдо.
– Покрај делегатите од сите делови на Албанија во кои живеат Македонци, на конгресот ќе присуствуваат и гости од Албанија, Северна Македонија, Грција и Бугарија, посочуваат од партијата.
МАЕИ во судскиот регистар во Тирана е запишана во јуни 2005 година. За прв претседател беше избран Едмонд Темелко,кој се уште е актуелен лидер на партијата.
Засега нема информации за можните кандидати кои ќе бидат во трката за претседател на партијата.