Задоволство е што во овој регион, државата има компанија која работи по највисоките светски стандарди, со добиен највисок сертификат за заштита при работа и компанија која работи одлично на економски план и која води сметка за своите вработени, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, кој заедно со министрите за труд и социјална политика и за економија, Мила Царовска и Крешник Бектеши го посетија рудникот за олово и цинк „САСА“ во Македонска Каменица по повод 28 Август, Денот на рударите.
Тие се запознаа со мерките и вложувањата во областите на безбедност и здравје при работа и за заштита на животната средина, инвестициите во современа технологија и во производниот процес, како и со поддршката што ја обезбедува рудникот „САСА“ за развојот и потребите на локалната заедница.
– Освен тоа оваа дејност која често знае да загадува, не е пречка рудникот „САСА“ да води сметка и за пошироката околина. Луѓето прават се, тоа да биде сведено на минимум, плус придонесуваат за општеството преку поддршка на спортски клубови и вложувања во младите генерации. Според сите параметри, рудникот „САСА“ треба да се посочи како успешен пример и за останатите компании, истакна Пендаровски.
Министерката Царовска изрази задоволство што првата група рудари со бенефициран стаж замина во пензија и посочи дека очекува нови проекти од рудникот „САСА“ за подршка на идните млади рудари.
– Знам дека рудникот има во најава можност за инвестиција во млади луѓе кои ќе сакаат да работат на овие работни позиции, а ние како Министерство и Влада ќе продолжиме да работиме на унапредување на правата на рударите, истакна Царовска.
Министерот Бектеши потенцираше дека Министерството за економија и Владата посветено ќе продолжат да работат на донесување нови законски решенија за хармонизирање на правилниците и тарифниците за експлоатација на минерални суровини.
– Најголема добивка од тоа во иднина ќе имаат општините кои и досега надоместокот од концесијата го користеа за реализација на инфраструктурни проекти, рече Бектеши.
Домаќинот, генералниот директор на рудник „САСА“, Олег Телној истакна дека рудникот и натаму ќе продолжи со инвестициите за заштита на животната средина.
– Рудникот „САСА“ располага со добар потенцијал за натамошен развој. Заедно со вработените и преку соработката со институциите на централно и локално ниво ќе ги оствариме поставените развојни цели, со што ќе продолжиме да придонесуваме за просперитетот на локалната заедница и земјата во целина. За да го постигнеме тоа ќе продолжиме со нашите континуирани вложувања во најсовремена технологија, во благосостојбата и безбедноста на вработените и во заштитата на животната средина, рече Телној.
И годинава, по повод празникот, менеџаментот на рудникот „САСА“ обезбеди парични бонуси и пригодни подароци за сите вработени, како признание за нивното залагање и посветеност во работата. Дополнително, додеделени се и посебни награди за особен придонес во безбедноста и здравјето при работа, како и во остварувањето на производствените планови.