Со високи државни почести на платото пред Владата денеска беше пречекана делегација од Република Србија предводена од премиерката Ана Брнабиќ. Еднодневната официјална посета на земјава Брнабиќ ја започна со отворањето на One Stop Shop на граничниот премин Табановце-Прешево, заедно со нејзиниот домаќин премиерот Зоран Заев.
Со новиот заеднички систем на контрола на државната граница се поедноставуваат царинските постапки и се забрзува протокот на луѓе и стоки меѓу двете земји. Заедничкото гранично управување на преминот и едното застанување на заедничка испостава се очекува двојно да го намали времето на чекање на државната граница.
Посетата ќе продолжи со потпишување договори за соработка во Владата на Северна Македонија по што ќе следи заедничка прес-конференција на двајцата премиери.
Брнабиќ, освен со Заев ќе оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.