Жбогар: „Рекет“ стана риалити шоу, судството има поддршка за брзо процесирање на случајот

Судството веројатно сфаќа дека можеби ја има последната шанса да ја врати довербата кај граѓаните со независна, целосна и брза истрага на случајот „Рекет“, но и на сите други случаи на СЈО. Судството треба да најде сила да му даде отпор на притисокот, независно од каде тој доаѓа, и за тоа има целосна поддршка од наша страна, порача денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Жбогар кој зборуваше на форум во Стопанската комора, оцени дека случајот „Рекет“ е трансформиран во риалити шоу, а лажните вести и доведувањето во прашање на се и сешто, станаа модус операнди во земјата.

Евроамбасадрот потенцира и дека острата реторика на политичарите што ја користат меѓусебно, но и во однос на судството, не само што ја еродира довербата кај граѓаните, туку и го труе општеството на кое очајно му треба, како што рече, помирување.

– Судскиот процес за кој сведочиме деновиве беше трансформиран од политиката и од некои домашни и странски медиуми во риалити шоу. Тие се обидоа да му ја преземат улогата на судството, да ја играат улогата на „поголемиот брат“, диктирајќи ги играчите внатре, во куќата, што е судството. Лажните вести и доведувањето во прашање на се и сешто, станаа модус операнди во земјата. Секој стана криминалец што значи дека криминалците станаа анонимни, сите се еднакви, сите се исти, истакна Жбогар во обраќањето на формуот за влијанието на владеењето на правото врз бизнисот.

Само ако покаже дека може да се справи со сите случаи на криминал и корупција, судството, нагласи евроамбасадорпот, може да ја врати довербата на граѓаните во него и во политиката.

– Мислам дека судството сфаќа дека можеби ја има последната шанса повторно да ја изгради довербата кај граѓаните со независна, целосна и брза истрага и процесуирање на случајот „Рекет“, како и на сите други случаи на СЈО. Судството треба да најде сила да му даде отпор на притисокот, независно од каде тој доаѓа и во тоа има целосна поддршка од наша страна, истакна Жбогар.

Уште еднаш подвлече и дека Европската унија базира на почитување на правилата и на законите и дека секој од елеемнтите во триаглоникот „граѓани – држава – судство“, мора да ја знае и точно ја игра својата улога. Во оваа врска, напомена, довербата е во центар. 

– Кога граѓаните ќе почнат да веруваат дека системот не е еднаков за сите или кога политиката ќе почне да се меша и да притиска врз судството, тогаш гледаме ерозија на општеството кое базира на правила, потенцира Самуел Жбогар.