Димитров на проштална средба со шведскиот амбасадор: Шведска останува наш модел и инспирација

Кралството Шведска продолжува да служи како наш модел и инспирација при преземање на реформските чекори во духот на европските вредности, истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на денешната проштална средба со шведскиот амбасадор во Република Северна Македонија, Матс Стафансон, пред завршување на неговиот мандат и заминување од земјата.

Тој изрази уверување дека неговиот наследник ќе продолжи со иста динамика да го негува позитивниот тренд на билатерални односи.

Димитров се заблагодари за исклучителниот придонес на амбасадорот Стафансон во развивањето на македонско-шведското пријателство, за што му врачи и благодарница за неговиот плоден ангажман и искрена, отворена и конструктивна поддршка кон демократската трансформација и европските аспирации  на земјата.

– Вашата мудрост, добронамерни и пријателски совети, како и професионалниот пристап во работата, оставија силен печат во нашето општество, а воедно и меѓу дипломатскиот кор како доајен. Особено ми претставува задоволство што меѓу другото, за време на Вашиот мандат беше интензивирана и размената на посети на високо ниво, а притоа беше усвоена и Декларација за соработка меѓу нашите две земји во 2017 година, рече Димитров на средбата.