Димовски: Назначувањето в.д. шеф на СЈО не е можно без Собранието

Советот на јавни обвинители во постапката за избор и назначување на Специјалното јавно обвинителство  може да постапува само по предлог на Собранието, претходно утврден од Комисијата за избори и именувања, а изгласан со двотретинско и Бадинтерово мнозинство, вели претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски во изјава за МКД.мк.

– И изборот (член 3) и разрешувањето (член 18) на Специјалното јавно обвинителство е регулирано со специјалниот закон и не може и не смее да се применува друг закон. Постапката е строга, зошто и институцијата е значајна. Во двете постапки (и избор и назначување) Собрание на Република Македонија и Комисија за избори и именувањата не може, ниту смее да се прескокнат, односно ниту да се разреши СЈО, ниту да се назначи вршител на функцијата СЈО без овие две инстанци во постапката, појаснува Димовски.

Советот на јавни обвинители во постапката за разрешување може да постапува само како предлагач, односно, како што вели, да достави Извештај до Собранието за утврдено незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата во СЈО. – Конечната одлука во оваа постапка ја носи Собранието на Република Македонија. Сѐ друго е надвор од законите, вели Димовски.

По вчерашното приведување и одредување на мерка притвор на Катица Јанева, останува отворено прашањето кој ќе ја наследи на функцијата шеф на Специјалното јавно обвинителство.

Според републичкиот јавен обвинител Љибомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.

Од друга страна, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.

– Само во еден случај, Советот назначува вршител на должност. Тоа е тогаш кога на еден јавен обвинител му се прекинува мандатот или е разрешен и Советот назначува вршител на должност од редовите на тоа обвинителство. Доколку Јанева не е разрешена и додека не и се прекине мандатот, не можеме да назначиме вршител на должност. Постапката за разрешување е предвидена со законот за СЈО, каде се вели дека доколку предлагаме ние, треба да подготвиме извештај и да го доставиме до Собранието, комисиите да го разгледаат и потоа Собранието да ни предложи ние да разрешиме, појаснува Штерјев во изјава за медиумите.

Законот за СЈО во член 18 вели дека јавниот обвинител може да се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител во разумен рок треба да достави до Парламентот извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување. Извештајот би бил достапен на јавноста преку комисиите во Собранието, освен ако некоја од комисиите не го одложи или спречи објавувањето на дел и на целиот извештај, доколку најде за потребно да се заштитат правата на секое лице наведено во извештајот или да спречи недозволено влијание во кое било кривично гонење.