Локалната самоуправа на Кочани и Здружението на пензионери очекуваат поддршка од државниот буџет за изградба на регионалниот дом за стари лица, за што веќе е подготвен технички проект и обезбедена е соодветна локација.
Во Министерството за труд и социјална политика е оценето дека се работи за одличен проект, а министерката Мила Царовска вчера при посетата на Кочани најави дека финансирањето треба да се обезбеди за идната година.
– Усогласено е конечното проектно решение за изградба на старскиот дом што ќе има регионален карактер и сега се водат преговори за моделот на финансирање од страна на Владата. Каков и да биде тој, јас сум сигурна дека до наредната година ќе изнајдеме решение како да го финансираме и дека ќе почне да се гради и овој објект, исто така како што веќе го потпишавме Договорот за изградба на нова детската градинка во Кочани, истакна министерката Царовска.
На вчерашната работна средба во Општина Кочани на која присуствуваа и претставници од Здружението на пензионери, градоначалникот Николчо Илијев ги претстави досегашните активности за реализација на проектот, при што нагласи дека еден од приоритетите на локалната власт во наредниот период ќе биде токму грижата и заштитата на највозрасната категорија граѓани.
За изработка на техничката документација за Домот за стари лица во Кочани пред околу пет години беа вложени околу два милиони денари, од кои дел се обезбедија преку Центарот за развој на Источниот плански регион. Со овие средства беа направени и потребните геомеханички и асеизмички испитувања на земјиштето во поранешната воена касарна каде треба да биде лоциран објектот. Почетните пресметки тогаш покажаа дека за негова изградба и комплетирање е неопходна сума од над 80 милиони денари.