Обвинителите на СЈО неделава на рочишта за своите предмети, но и на сослушувања во ЈО

Од денеска во Кривичниот суд треба да продолжат рочиштата по предметите на Специјалното јавно обвинителство.

За денеска, според најавата, на нивната веб страница има закажано рочиште за предметот Титаник, кој се однесува на изборни нерегуларности. За овој предмет има закажано рочиште и на 14 во среда и во петок на 16 август. За неделава рочиште во судот ќе има и за предметот на СЈО – Т.Н.Т. за уривањето на комплексот „Космос” на  Фијат Цаноски.

Инаку, рочиштата продолжуваат по судската ферија што почна на 15 јули, а продолжува во период кога преку интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“ беа објавени снимени разговори меѓу Бојан Јовановски (Боки 13) и Јордан (Орце) Камчев, за случајот „Рекет“, а во кои се споменуваа Катица Јанева и Лиле Стефанова која го води предметот „Империја“ а во која е осомничен бизнисменот Јордан (Орце) Камчев.

Италијанскиот весник почна да ги објавува снимените аудио разговори од пред четири дена. Објавувач е италијанскиот новинар со словенечко потекло Ларис Гајсер, кој е познат по своите екстремно десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница и со претставници на ВМРО ДПМНЕ.

Станува збор за аудио и видео материјали што се дел од доказната постапка во предметот „Рекет“ на Јавното обвинителство, но оттаму тврдат дека не се добиени од кај нив.

Според  Обвинителството, материјалите им биле доставени од сведок во предметот.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески најави дека на сослушување е повикана обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, а од Обвинителството најавуват дека ќе бидат повикани на распит и сите инволвирани.

Стефанова, пак, во писмена изјава го отфрли како невистинито искажаното од Камчев во снимката и оцени дека целта е нејзина дискредитација како обвинител.

По објавата на снимките, се огласи и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во писмена изјава објавена на веб-страната на СЈО, повторува дека во интерес на предистрагите и истрагите што се водат во Обвинителството што таа го раководи, повеќе пати разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случувало да се одвива преку од нив назначени посредници.

Таа ги повикува истражните органи што е можно побрзо да ја завршат истрагата и сите форензички вештачења и да ги приберат сите докази поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и, како што посочува, обелување на нејзиното име.

Заменичката на специјалната обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифоска при телефонското гостување во емисијата „Стадион“ на Радио Мрежа Канал 77 изјави дека СЈО прави се за да не и се наштети на постапката за случајот „Рекет“

– Јас не знам чие се име ќе биде спомнато во тие некои наредни снимки што се најавуваат, но треба да се утврди изворот од надлежниот обвинител, кој треба да даде одговор и кој се си зел за право да споменува одредени имиња, изјави Јосифоска.

Во врска со објавените снимки се огласи и премиерот Зоран Заев, кој повика на темелна и независна истрага за „Рекет“, која, како што вели, мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, тој најостро и категорично отфрла каква било поврзаност со Бојан Јовановски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, го искористи случајот за нови напади врз извршната власта, оценувајќи дека таа е главната закана и пречка за правдата во земјава и обвинувајќи ја за „отпор кон реформите во Обвинителството“ и за притисоци врз сопственици на медиуми од страна на судството и обвинителството.

Според Мицкоски, Владата под маската за борба против криминал создава и штити криминал.

Италијанскиот весник вчера објави видео колумна во која главна цел на напади се Европската унија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност во заминување, Федерика Могерини.

Гајсер во колумната прашува зошто Брисел молчи за случајот во земјава со објавените снимки од разговорите меѓу Бојан Јовановски (Боки 13) и Јордан „Орце“ Камчев, нагласувајќи дека се чуди како нема реакција од Могерини и актуелниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кои според него, „силно инсистирале за специјалната обвинителка“.

По објавувањето на снимените разговори во врска со случајот „Рекет“, на Твитер се огласи и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, кој порача дека борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи.

– #Северна Македонија: Борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи непрекинато. Што се однесува до најновите откритија, важно е да се утврди правна одговорност за сите кривични дела, вклучително и оние што произлегуваат од и околу илегалните прислушувања, наведува Хан во објавата.

Тој натаму посочува и дека никој не е над законот и не може да има неказнивост.

Весникот „Ла Верита“, кој ги објавува снимките, во изминатите неколку години важи за медиум близок до сегашната опозиција во земјава. Тој беше прв странски медиум кој пред еден месец информираше за „бомбата“ објавена на руски мрежи во која генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, наводно го мести победникот на тендерот за набавка на опрема за М-НАВ. с