Јанева: Никогаш не сум ја злоупотребила својата функција и не сум го прекршила законот

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по повод најновите снимки објавени на порталите поврзани со случајот „Рекет“ излезе со изјава во која изразува, како што вели, фрапираност од начинот на кој нејзините постапки се поврзуваат со овој случај и уште еднаш посочува дека во ниеден момент не тргувала со никакво влијание, не ја злоупотребила својата функција и не постапувала спротивно на законот.

– Ја слушнав снимката, објавена на порталите поврзана со случувањата за случајот „Рекет“. Фрапирана сум како моите постапки како специјален јавен обвинител се донесуваат во каква била корелација со случајот „Рекет“. Како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на инфорамции како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно.Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина, стои во изјавата на Јанева објавена на веб страницата на СЈО.

Таа воедно ги повикува истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за, како што вели, „целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име“.

Специјалната обвинителка наведува и дека откако ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање, од страна на СЈО многу нешта ќе бидат појасни за јавноста.

– Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите,  па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети  кои се водат во обвинителството. Се надевам дека тоа нема да се случи, нагласува Јанева.

Таа изразува и очекување дека пратениците на седница на Собранието на РСМ, во најбрз можен рок ќе го донесат Законот за ЈО на РСМ, а откако ќе се вратат сите обвинители од ЈО од годишен одмор, пред донесување на законот за ЈО, најавува дека ќе има целосен отчет за досега сработеното во врска со истрагите и предистрагите кои се водат во СЈО.

– Тоа е моја обврска и задача која ќе ја презентирам пред јавноста и надлежните институции, со што ќе бидат отстранети сите евентуални притисоци кои би можеле да ги имаат обвинителите во СЈО кои и досега си ги работеа сите кривични предмети, се разбира во заедничка кординација со мене. Потоа очекувам овие предмети кои се во СЈО, да продолжат да се работат од страна на надлежното обвинителство, со што  ќе се продолжи борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото, стои во пишаната изјава на специјалната обвинителка Јанева.