Во периодот од 23 до 27 август годинава под покровителство и организација на општина Берово ќе се одржи традиционалниот Етно плоштад фестивал.
На овој реномиран музички фестивал, како што информираа од општината, ќе учествуваат познати музички имиња, кои ќе настапат во рамки на петте концертни вечери.
-На петдневната концертна фестивалска програма ќе настапат балканската музичка ѕвезда Џенан Лончаревиќ, Влатко Стефановски, Горан Алачки, Етно Малеш,Синтезис, 2 Бона, Влатко Лозановски, Бени и Нон Стоп, Ефто Пупиновски, Штекици, „ДЈ Сене“, Ескејп Бенд, Кико и Столе, Ангел и Иван, КУД „Димитар Беровски“, и многу други, информираа од општината.
Во рамки на фестивалот се одржува и саемот на традиционални локални производи „Малешевијата на дланка“, за чие учество, пријавувањето веќе е во тек.
-На овој саем ја продолжуваме малешевската традиција, изложувајќи ги на штандови, ракотворбите изработени од вештите раце на малешевската домаќинка, и надалеку познатите малешевски специјалитети, шумски плодови и лековити билки, велат од општина Берово.
Оттаму упатија апел сите заинтересирани кои сакаат да ги претстават и промовираат локалните производи, во прилог на поттикнување на локалниот економски развој и туристичката понуда, да земат учество на оваа манифестација за чие пријавување деталите се веќе објавени на општинската веб-страна.