Ветингот во МВР помина на Влада, Спасовски со најава ќе се спроведува од чистачка до министер

Ветингот на вработените во Министерството за внатрешни работи, за кој се говори веќе подолго време, а ресорниот министер Оливер Спасовски нагласуваше дека ќе се спроведува врз сите од чистачка до министер, вчера помина на владина седница.

МВР најдоцна до 20 август годинава треба да формира Работна група со задача да изготви Предлог-план на мерки, активности и динамика за спроведување на процесот што треба најдоцна до 1 октомври годинава да го достави до Владата.

Во меѓуресорската работна група предвидено е да учествуваат вработени во Министерството, претставници од стручната јавност, од Мисијата на ОБСЕ во земјава, претставници од невладиниот сектор, со задача да спроведе сеопфатна анализа за тековната состојба, да утврди конкретен модел за спроведување на процесот на проверка (ветинг) на вработените во МВР врз основа на компаративни искуства и да изготви предлог закон, заедно со акциски план околу процесот.

Ветингот во МВР, како што повеќепати најави Спасовски, е потребен за да се зацврсти интегритетот на полицајците и нивната отпорност кон какви било влијанија кои се спротивни на законите.

Целта е декриминализирана и депаритизирана полиција која ќе го штити интересот на граѓаните и полицајци кои професонално и одговорно ќе си ја вршат својата задача.

Ветингот во полицијата треба да се базира на три столба. Прво – вработувањето и кариерата на секој полициски службеник, второ – имотната состојба и трето – интегритетот и профресионалноста во извршувањето на работните задачи. Ќе се проверува стручното образование, интегритетот, имотната состојба и евентуално криминални активности.

Тоа е сериозен процес, нагласуваше Спасовски, кој треба да заврши добро за институцијата, но и процес кој ќе наиде на голем број препреки и одвнатре и однадвор. Нема да биде едноставен и лесен и мора да се води транспарентно.

Ќе се формираат комисии кои ќе работат на ветингот, а ќе има и една надворешна комисија со експерти. На ветингот ќе бидат подложени сите – од чистачка до министер, нагласува Спасовски.

Според министерот, во МВР има полицајци кои се побогати од граѓани кои 20 години се занимаваат со бизнис.

Покрај МВР, се очекува во иднина ветинг да има и во други јавни сектори. Поддржувачите на ветингот сметаат дека тоа е процес од општетсвен интерес што треба да ја зајакне професионалноста на јавните служби и да создаде систем што ќе ги штити правната државата и граѓаните, кој нема да зависи од политиката и политичарите и ќе создава можности за развој.