Обвинителството на Русковска молчи и не кажува дали истрагата за рекетарско – политичко – обвинителскиот октопод го проширила и на таканаречената невладина организација на Бојан Јовановски, Боки 13 наречена „Меѓународен Сојуз“. Тоа ги потврдува сомневањата дека обвинителството тенденциозно ја ограничува истрагата на два лика од плејадата ликови во рекетарските приказни во јавноста.
Фактот што оваа организација не е опфатена со истрагата остава можност дека со тоа се заштитуваат функционери на СДСМ кои што се дел од мрежата активности на Боки 13. Ова е видео кое ги покажува тесните врски меѓу осомничениот Боки 13 и висок партиски функционер на СДСМ.
Почитувани,
Е па, дали е проверена улогата на Фросина Ременски која е ни помалку, ни повеќе туку е почесен претседател на организацијата на Боки 13? Што се подразбира од изјавата на Ременски кога кажува дека имала соработка лично со Бојан Јовановски, Боки 13? Во која насока ја користела функцијата за какво лобирање и за какво влијание, како што вели? Обвинителството мора детално да провери и да и објасни на јавноста за целите на соработка Ременски – Боки 13.
Дали Фросина Ременски имала на било каков начин врска со сомнителната исплата на битолски бизнисмен за која говореа и медиумите во износ од 750 илјади евра, со која наводно се откупувала идеја за изградба на станови? Сумата е скандалозна и сомнителна сама по себе, чиниш се работи за идејно решение за градење на станови на Марс, а не во Македонија.
Ако навистина обвинителството на Русковска сака да го расчисти овој рекетарски октопод тогаш треба да ја прошири истрагата и во правец на организацијата на Боки 13. Дополнително обвинителството на Русковска треба да одговори зошто ако на било кој начин е вмешана Катица Јанева во оваа шема на Боки 13, таа се уште не е приведена и и се остава простор, и се дозволува да влијае врз сведоци или форензички да брише докази? Обвинителството треба да одговори зошто освен Боки 13 и Кичеец нема ништо за другите ликови Кики, Фрики, Раки, Шеки и слични кои што се дел од октоподот?
Граѓаните не се наивни и знаат дека ако Боки 13 немал поддршка и од власта на Заев тој не би се осудил да изнудува, рекетира и да се заканува. Одговори и одговорност мора да има, ако не од Русковска обвинителството, тогаш од некое друго политички неконтаминирано обвинителство.
Одговори на новинарски прашања:
Прашање: Денеска премиерот Заев го понуди октомври 2020 како датум или термин за одржување на предвремени парламентарни избори, кои што ги бара ВМРО-ДПМНЕ. Дали овој термин е прифатлив за Вашата партија? И доколку нема договор за избори, дали ќе нема договор и за Законот за јавно обвинителство?
Одговор: Очигледно е дека под притисок на јавноста по многубројните скандали власта која што е во паѓање го прифаќа предлогот на опозицијата за предвремени парламентарни избори. А, тоа што се однесува за понудениот термин за октомври догодина, се чини како разумна основа за разговори со власта на таа тема.
Прашање: Дали ќе одбиете на само два месеци пред официјалното закажување на избори?
Одговор: Ќе повторам уште еднаш, под притисок на скандалите на кои што ја тресат власта на Зоран Заев прифаќаат што го бара опозицијата, а тоа е предвремени парламентарни избори. Во однос на терминот кој што го посочува Заев како октомври догодина се чини дека е разумна основа, добра основа за разговор со власта на таа тема.
Прашање: Дали договорот за избори е врзан со договор за законот, дали се условени едното со другото?
Одговор: Тоа што се посочуваше досега, а и сега е дека лидерска средба е невозможна без темата предвремени парламентарни избори да бидат дел или точка на тие такви разговори, евентуално.
Прашање: Дали сте во коалиција со БЕСА, бидејќи вчера вие обезбедивте мнозинство и се чини дека се иста линија со оглед на датумот за барањето за предвремени избори?
Одговор: Не е тајна дека ВМРО-ДПМНЕ е во постојана комуникација со сите политички партии во Република Македонија во однос на определени прашања може да се делува и на онака како што Вие сакате да го презентирате како формална или неформална коалиција, станува збор за политички субјект кој што има свои ставови кои некогаш се поклопуваат, а некогаш не.
Прашање: Дали Христијан Мицкоски ќе оди на средба со Орбан, ако оди зашто ќе гостува и за што ќе разговара?
Одговор: Да, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е во работна посета на Австрија на Виена и на Будимпешта, Република Унгарија. Престојот на Виена е од научен карактер односно размена на искуства, поврзани со неговата професионална и професорска дејност. Додека потоа на враќање со потпретседателот Александар Николоски ќе имаат средба со унгарскиот премиер, Виктор Орбан. Секако дека се очекува да се разговара за актуелната политичка и економска состојба во Република Македонија. Но и за размена на информации на ниво на сестринските партии во правец на натамошно делување во пресрет на претстојниот конгрес на Европската Народна партија и избор на ново раководство на сестринството.
Прашање: Дали можеби ќе се сретне со Никола Груевски?
Одговор: Не!