Седници на шест собраниски комисии

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници треба да одржат комисиите за прашањата на избори и именувања, за политички систем и односи меѓу заедниците, за финансирање и буџет, за транспорт врски и екологија, за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и Законодавно-правната комисија.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да ја продолжи седницата што ја започна вчера. На дневен ред на седницата што почна вчера, меѓудругите се Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија, Утврдување предлог – одлука за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави, како и Утврдување предлог – одлука за изменување на Одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието  во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (ПС НАТО).

Тие треба да утврдат и Предлог – одлука за избор на член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и Предлог – одлука за именување на членови на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.

На дневен ред на оваа седница е и Проверка на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 120/2019) Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе расправаат по Предлог-законот за правосудниот испит, во прво читање, а членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија  по Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за воздухопловство, во прво читање, и по Извештајот за реализација на годишна програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2018 година.

На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет е Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2018 година, а на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за виното, двата во прво читање и поднесени од пратеникот Панчо Минов.

Во Собранието денеска две седници треба да одржи и Законодавно-правата комисија, а на една од нив, која почна вчера, предлог точка е Предлог-закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2020 година, за која беше одложена расправата на Комисијата за европски прашања.