Земјоделците од Кочанско да ја предаваат оризовата слама за пречистителната станица за отпадни води

Во Кочани почнаа серија работилници и советувања за земјоделците од регионот на кои им се објаснуваат придобивките од предавањето на оризовата слама за потребите на новоизградената пречистителна станица за отпадни води.

Работните средби се по иницијатива и со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, која финансиски ја помогна изградбата на пречистителната станица, а се реализираат во соработка со Центарот за развој на Источниот плански регион (ИПР).

– Се работи за надградба на проектот за заштита на речниот слив на Брегалница, што е дел од втората фаза на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Целта на овие работни средби е да ја подигнеме јавната свест кај земјоделците и да постигнеме одржливо управување со остатоците по жетвата на оризот, но и на останатите жита во кочанскиот регион. Сакаме да се спречи или да се намали навиката кај земјоделците да ја палат сламата, а со тоа да ја загадуваат и животната средината, истакна Емил Василев од Центарот за развој на ИПР.

Со веќе вградената технологија во пречистителната станица за отпадни води кај кочанското село Мојанци, сламата од оризот и од другите жита може да се користи како суровина за добивање компост, односно органско ѓубриво за земјоделските површини.

На првата работилница што се одржа во Кочани беа претставени предностите од користењето на сламата во преработката на органските материи и нутритиенти во отпадната вода, нејзиното позитивно влијание врз подигање на нивото на плодност на почвата и намалувањето на емисијата на стакленички гасови.

Носител на проектот за одржливо управување со жетвените остатоци е Фармахем од Скопје, во соработка со Македонското еколошко друштво, Центарот за развој на ИПР и комуналното претпријатие „Водовод“.