Собранието на Република Северна Македонија на денешното продолжение на 106-тата седница без расправа донесе три законски решенија во прво читање, една одлука за изменување и дополнување на статут и девет барања за автентично толкување, за кои општата расправа по предлог текстот заврши вчера.
Со 53 гласа „за“ и еден „воздржан“ беше донесен заклучокот на натамошно читање да оди Предлог-законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, со 53 гласа „за“ и 14 „воздржани“ заклучокот за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на правата на пациентите, а едногласно со 70 гласа „за“ заклучокот за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, трите во прво читање.
Со 54 гласа „за“ и 18 „против“ беше прифатена Предлог-одлуката за давање согласност на Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Регулаторната комисија за домување.
Кај барањата за автентично толкување најголем внимание предизвика Предлогот за автентично толкување на член 48 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, поднесен од Снежана Калеска Ванчева и Диме Велковски од СДСМ, за чие донесување беше неопходно двотретинско мнозинство. На електронското гласање гласаа само 75 пратенци, поради што претседателот на Собранието Талат Џафери побара да се гласа поименично, бидејќи гласањето беше во рамките на дозволените плус, минус пет гласа од неопходните 80. По поименичното гласање барањето за автентично толкување беше едногласно усвоено со 85 гласа „за“.
Во рамки на седницата беа поддржани и барањата за автентично толкување на член 166 став 1 од Законот за високото образование; на член 105 став 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; на член 83 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување; на член 85 став 1 од Законот за административни службеници, на член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; на член 5 од Законот за прекршоците; на член 69 став 4 од Законот за стечај; и на член 88 став 1 од Законот за стечај.
Со тоа беше исцрпен дневниот ред на 106-тата седница на Собранието.