Северна Македонија и Израел во континуитет негуваат блиски пријателски односи, засновани на меѓусебна доверба и почит, констатирале на денешната средба претседателот Стево Пендаровски и израелскиот амбасадор, Дан Орјан.
Двајцата соговорници, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, се согласиле дека Северна Македонија и Израел градат плодни економски релации, притоа изразувајќи подготвеност за интензивирање на соработката во областа на безбедноста, науката и новите технологии, земјоделството, како и во областа на културата и туризмот.
Претседателот Пендаровски изразил задоволство од цврстата поддршка и помош што Државата Израел во континуитет и ја дава на Република Северна Македонија, порачувајќи дека Израел во нашата држава секогаш ќе има искрен пријател и партнер.
Амбасадорот Орјан упатил честитки до претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посакал успех во вршењето на должноста, притоа реафирмирајќи ја неговата лична заложба за унапредувањето на билатералните односи меѓу двете држави.