На прес конференција владата најави свои акциски план за државна контрола на информации под формален назив – сузбивање дезинформации и лажни вести.
Доколку сака да сузбие лажни вести, владата може и треба да поработи во сопствениот двор, а нема никакви законски овластувања да контролира вести објавени од медиумите и самата таа да ги оценува дали се лажни не, зависно од тоа дали одговараат на потребите на владата или не.
Доколку некоја вест е лажна, во Македонија постои закон за навреда и клевета и лажно информирање кој е во сила и за што оценка дава надлежен орган – Суд.
Владата нема ингеренции ниту смее да биде судија наместо Судот.
Информациите ги произведуваат комерцијални медиуми (освен јавниот сервис) и тие имаат правна, економска и пазарна одговорност за своето работење. Јавноста одбира кој ја има довербата, а кој не.
Ја повикуваме владата веднаш и без одложување да се откаже од својата намера таа да оценува која вест е добра, вистинита, лажна или сомнителна, односно да воведува цензура во 21 век кога секој граѓанин може да чита вести за Македонија било да е медиумот од Македонија или да се пишува и објавува од било кое друго место во светот.