Пожарникари, административци, возачи, спортисти и други заинтересирани граѓани од Струга имаат можност да ги освежат своите знаења за давање прва помош при сообраќајна незгода во рамките на кампањата „Твоето незнаење чини живот“, што ја реализира општинската организција на Црвениот крст.
Целта на кампањата, како што истакна секретарот на Црвен крст – Струга Адуриме Даути, е да се освежи знаењето кај возачите, како да постапат при сообраќајна незгода.
-Се надеваме дека овој освежителен курс ќе им помогне на возачите да го обноват своето знаење во давање прва помош при сообраќајна незгода. Тоа веќе го имаат слушано, не е ништо ново, но со тек на време се заборава, посочи Даути.
Интересот за предавањата, според неа, бил голем, а учесниците посочиле дека имаат потреба за ваков курс.
Бројот во групите достигнува по 20-тина возачи. Предавањата ги прават доктори на македонски и албански јазик. Најголем дел од слушателите се возачи, кои кога ја следат презентацијата велат дека има ситници кои ги заборавиле со текот на годините, истакна Даути, посочувајќи дека ваквите обуки ќе продолжат и во наредните месеци.
Учесниците имаат можност да научат за основи на срцево и белодробно оживување, дишни патишта, односно како да се врати во живот повредениот. За санирање на скршеници, крварење, извлекување поврден од возило, а беа потсетени и на телефонските броеви за Брза помош, полиција и пожарна и во кои случаи што прво да повикаат.