Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски денеска во Штип ги информираше ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Блажо Боев и градоначачникот на Општината Благој Бочварски, за спогодбата за учество на земјава во европскиот корпус на солидарност, која беше усвоена на вчерашната седница на Владата на Република Северна Македонија.
– Оваа спогодба значи дека младите од овој регион на возраст од осум до 30 години можат преку волонтерска активност да учествуваат во која било земја членка на ЕУ и да стекнат сериозни знаења, што ќе им користат ним, а со тоа и на нашата земја, вели Жерновски.
Појасни дека преку оваа спогодба можат да аплицираат сите Универзитети, училишта, библиотеки и општините.
Ректорот Блажо Боев истакна дека ваквите средби се корисни за да се информираме колку универзитетите имаат воспоставено соработка со европските универзитети, но и да им се помогне на универзитетите таа соработка да ја прошират.
– Голема благодарност кон заменик министерот, кој искажа големо разбирање во поглед на нашите потреби и мислам дека периодот што следи ќе оди во насока УГД да стане помодерна, препознатлива, оддржлива во времето, што доаѓа, вели Боев.
Градоначалникот Благој Бочварски истакна дека на Штип му е потребен Универзитетот „Гоце Делчев“, што продуцира високообразовни кадри, но и донесува и одреден економски бенефит не само за граѓаните на Штип, туку и на регионот.