Македонските граѓани уживаат делумна слобода, оценува американската невладина организација „Фридом Хаус“ во новиот извештај објавен денеска за слободата во светот во 2018 година.
Во извештајот, Македонија е наведена како земја чии настани и случувања годинава треба да се следат.
– Демократски избраната и етнички инклузивна влада се обидува да ја искорени корупцијата и другите системски злоупотреби кои се засилиле за време на претходна влада зафатена од скандали. Таа би можела да го реши и спорот за името со Грција кој го попречува патот на земјата за членство во ЕУ, се наведува во извештајот.
Оценката за годинава Македонија ја дели заедно со Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина и варира меѓу 3 и 4 на скалата од можни седум поени, каде 7 означува неслободна земја. Бугарија, Србија и Хрватска, пак, се оценетеи како слободни држави, а од земјите во регионот Турција е наведена како неслободна држава.
Во Ивештајот се опфатени 195 држави во светот и популација од 7,4 милијарди жители. Од државите 88 се оценети како слободни, 58 делумно слободни , а за 49 се смета дека не се слободни.