Поради се позачестената непријатна миризба што се шири низ Гевгелија, особено во вечерните часови, Општина Гевгелија побара вонреден инспекциски надзор од Министерството за животна средина и просторно планирање со цел да се утврди причинителот и да се преземат потребните мерки за спречување на појавата.
– На територијата на Општина Гевгелија егзистираат неколку фарми за живина, свињи и телиња од кои некои, поради обемот на производство поседуваат А дозвола што значи дека целокупниот мониторинг за спроведување на заштитните мерки во овие капацитети е во надлежност на ресорното Министерство, велат од Oпштината.
Оттаму посочија дека токму заради тоа Општината решила да се обрати до Министерството кое ја издало дозволата да изврши вонреден инспекциски надзор, да го утврди жариштето и да преземе мерки за неутрализирање на непријатната миризба што ги спречува гевгеличани во вечерните часови да се разладуваат во своите дворови.