Ноќни трки ги вознемируваат жителите на Тетово

Дел од граѓаните на Тетово кои претежно живеат на булеварите Илирија (поранешен Маршал Тито) и Илинденска реагирале до полицијата дека се случуваат трки со автомобили во доцните ноќни часови со што им се нарушува мирот, се вознемируваат од бучавата и не можат спокојно да спијат. Трките, според нив, започнуваат околу полноќ, но, траат со часови.

-Ова на булевар Маршал Тито наликува на дивина. Се турираат мотори и коли во касни саати, а деца, стари и болни не можат да спијат, па и секој без разлика на години. Секоја вечер летово се случува, па пола град се полицајци зарем никој не најде за сходно да се среди ситуацијава, изјави Дино Блажески, жител на Тетово.

Тетовци велат дека автомобилите кои се тркаат се скапи возила, пред сè со странски таблички. -Разбирам силни и убави коли имаат ама ова ја преоѓа секоја граница. Вака сигурно во Цирих не прават зошто има полиција и ред. А тука?, вели младиот Блажески.

-Сметам дека полицијата не реагира. Јас пријавив да се провери бучава од блискиот луна парк, службеникот наместо да почне со постапување по пријавата, се обидуваше да ме разубеди, изјави сосед.

Во Секторот за внатрешни работи Тетово прашавме дали и колку се постапува по пријавите на граѓаните. Тврдат дека има засилено полициско присуство на терен.

-Во полициска станица за безбедност на сообраќајот Тетово, досега летово евидентирана е само една пријава од граѓани дека во близина на бензинска пумпа на улица „Маршал Тито“ во Тетово се организира вечерна трки на автомобили. На посоченото место веднаш се испратени полициски службеници, кои презеле конкретни мерки за целосно расчистување на пријавеното, по што секоја вечер од 22 до 2 часот по полноќ, значително засилено е полициското присутвото, не само на оваа, туку и на повеќето други улици во централното подрачје на Тетово, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Согласно член 35 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ваквите трки претставуваат законски прекршок. Зависно од брзината, односно пречекорувањето на максимално дозволената брзина, прекршителите се соочуваат со паричната глоба од 45 до 400 евра во денарска противвредност. Доколку пречекорувањето е поголемо, предвидена е и заштитна мерка-времено одземање на возачката дозвола од три месеци до една година.

Како место каде се одвиваат трки, од страна на граѓаните се посочува и обиколницата на Тетово, во правец од Скопје кон Гостивар.