Изложба на ДЛУМ „Цртеж-Експериментален цртеж“

Изложбата насловена „Цртеж-Експериментален цртеж“ во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе биде отворена вечер во 20:30 часот во Галеријата на НЛБ Банка во Скопје. Поставката се реализира во соработка со Дирекцијата за култура и уметност Скопско лето, а под покровителство на Град Скопје.

Како што наведуваат од ДЛУМ; проектот „Цртеж-Експериментален цртеж“, тежнее кон разработен процес на крајно радикални отстапувања од институционалните вредности на самиот цртеж и неговото „ограничување“ и поврзаност со медиумот хартија како негов фундамент т.е. поддржувачки материјал.

-Иако цртежот е во целост независен медиум, основниот акцент за овој концепт е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини. Почнувајќи од неговите традиционални форми, вметнати како дел од современите концепти, па сé до критичкото претставување и проширување на дефиницијата за медиумот во релација со гестикулацијата и формата, современиот цртеж не ги исклучува традиционалните техники, туку често го проширува полето на истражување и експериментирање вклучувајќи ги и соодветните радикални трансформации, се посочува за изложбата.

Изложбата е селективна и на неа ќе земат учество 25 автори членови на Друштвото. Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, ставајќи го акцентот на нивната интердисциплинарна, когнитивна, перформативна или комуникативна функција.

Сите селектирани дела ги прикажуваат основните на современиот цртеж почнувајќи од развој на линијата на пикторијален план, па сé до неговите дигитални модификации, со што се потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми.

На изложбата учествуваат Глигор Стефанов, Кирил Гегоски, Славица Јанашлиева, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Дијана Томиќ Радевска, Жанета Гелевска Вељановска, Симонида Филипова Китановска, Марија Светиева, Слободан Живковски, Марина Цветановска Мартиновска, Агорн Абдули, Тања Таневска, Силвана Атанасовска, Љупчо Бојаров, Жаклина Глигориевска Кочоска, Иво Пецов, Игор Таневски, Марија Мицова Гацова, Златко Глигоров, Емилија Божиновска, Перо Кованцалев, Валентина Илијевска, Јовица Мијалковиќ, Ацо Таневски, Миливој Симеонов и еден автор од Република Србија, Владимир Лалиќ.

Друштвото на ликовни уметници на Македонија наградата за најдобар цртеж ќе му ја додели на авторот Кирил Гегоски, за делото со наслов „Цртеж-2019“.