Стопанството бара поголема комуникација и ажурност од институциите

Поефикасна соработка и подобра комуникација со и меѓу министерствата, како и други надлежни институции за побрзо имплементирање на иницијативите од бизнис заедницата, бара Стопанската комора на Македонија.

Комората, како што беше речено денеска на прес-конференција, оценува дека владиниот План за економски раст генерално ги содржи мерките предложени од компаниите, но неопходно е побрзо делување и нивно преточување во конкретни законски решенија.

– Планот на Владата за економски раст ги содржи барањата на бизнис заедницата. Се што е позитивно треба да се почитува и развива. Но, наша работа е да предочуваме навреме и затоа укажуваме дека е неопходно побрзо делување на надлежните министерства за донесување законски решенија по основа на иницијативите поднесени од компаниите, истакна директорката Елена Милевска Штрбевска.

Милевска Штрбевска информира дека од јуни до крајот на 2017 година Комората поднела 19 иницијативи до Владата и ниту една од нив не е одбиена, но реализацијата, потенцира, треба да биде побрза.

Според Комората, постои силна волја од страна на Владата за соработка со бизнис секторот и партнерството е веќе воспоставено, но сепак е неопходна подобра и поефикасна комуникација.

– Без брзи административни постапки и професионална администрација не можеме да очекуваме брзо реализирање на нашите иницијативи, истакна Милевска Штрбевска.