Сто и дваесет питомци и студенти од Северна Македонија и 11 партнерски и пријателски земји во следните две недели ќе учествуваат на десеттиот Летен кампус кој во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ од денеска се реализира на полигонот „Криволак“ и тренинг центарот „Пепелиште“.
На отворањето на кампусот, заменикот министер за одбрана, Беким Максути истакна дека станува збор за уникатен проект кој овозможува питомци и студенти од повеќе земји да разменуваат искуства, да учат едни од други и да стекнуваат познанства.
Тој порача дека овој јубилеен, десетти по ред, кампус се реализира во година во која нашата држава ќе ја исполни својата стратегиска цел – членството во НАТО.
-Северна Македонија ќе стане полноправен член на НАТО и кадетите од нашата Армија многу наскоро нивните пријатели од земјите – членки на Алијансата ќе можат да ги наречат не само партнери, туку и сојузници, рече Максути.
На питомците и студентите од нашата држава им порача да бидат горди на тоа достигнување и мотивирани да го дадат најдоброто од себе.
Максути истакна дека сето стекнато знаење, лидерските вештини, креативноста, храброста, етиката и интегритетот се вештини и вредности кои мора да ги поседува секој офицер, а питомците, како идни офицери, овие вештини и вредности ќе ги стекнат токму на Летниот кампус.
Митко Богдановски, продекан на Воената академија, рече дека големиот број активности и богатата програма на кампусот е резултат на долгогодишното искуство и успешната реализација на овој Кампус чиј дел досега биле над 1.600 питомци и студенти од дваесетина земји.
-Нашата главна мисија е да создадеме силна мрежа помеѓу идните офицери и да ги подготвиме за идна интероперабилност и соработка, како и да постигнеме високо ниво на културолошка размена, со што ќе дадеме и голем придонес кон глобалниот мир и безбедност, рече Богдановски.
Оваа година учесници на Кампусот се питомци и студенти од Република Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Романија, Германија, Хрватска, Чешка и Норвешка.