Ристевска: Истрагата за случајот „Империја“ е жива и не е затворена

Истрагата за случајот „Империја“ е жива и не се работи за истрага која е затворена, изјави на денешната прес-конференција обвинителката од СЈО, Ленче Ристевска.

Прашана дали истрагата за случајот „Империја“ е издржана со оглед на случувањата, обвинителката Ристевска, рече дека секоја истрага се отвора кога има доволно основано сомневање дека е сторено кривично дело и дека, овој случај не е исклучок.

– Кога е отворена истрагата верувам дека колешката Стефановска имала основи на сомневање дека е сторено кривично дело и заради тоа и истрагата е отворена. Истрагата треба да продолжи. Да се испитаат сите тие основи на сомневање за да се види дали останува само на основи на сомневање или навистина тука постојат елементи на кривично дело, но тоа треба да го каже натамошниот тек на истрагата. По автоматизам затворање на истражни предмети, затоа што, има некои други индиции во таквите предмети не се случило, истакна Ристевска.

Прашана дали стравува дека може да биде вклучена во истрагата за „Рекет“, обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја“, рече дека согласно Законот за СЈО, сите одлуки и списи кои излегуваат од јавното обвинителство, единствено ги потпишува специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и во нејзино име кога е отсутна овластени јавни обвинители.

– Јас немам потпишано ниту една одлука која излегла од ова обвинителство. Ниту мислењата за пуштање од притвор во куќен притвор, ниту пак одлуката за давање на патните исправи. Сите одлуки си ги потпишува и носи Катица Јанева, така е согласно закон. Јас немам законско право да потпишам ниту една одлука, изјави Стефанова.

Во однос на шпекулациите дека имало претрес во нејзиниот дом, Стефановска, рече дека тоа не е точно.

– Не стравувам. Нема зошто да бидам инволвирана, изјави Стефанова, посочувајќи дека за тоа дали треба да стравува обвинителката Катица Јанева треба да се праша лично таа.