Премиерот Зоран Заев му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски доколку има какви било докази за инволвирани високи функционери на СДСМ во случајот „Рекет“ веднаш да ги пријави во обвинителството.
Заев во одговор на новинарско прашање дали тој има некакви сознанија за кого станува збор, откако Мицкоски денеска на прес-конференција рече дека двајца високи функционери на СДСМ биле секојдневни гости во домот на првоосомничениот Бојан Јовановски заедно со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, каде договарале обвиненија и натамошни постапувања.
-Ако има какви било докази за кои и да сака во државава должност му е да ги пријави, а не да шпекулира со некакви имиња за високи претставници од власта и слично. Должност на секој граѓанин посебно на лидери на политички партии е тоа да го пријават со сите докази и аргументи. Со јавните личности се среќавале сите. Вие можете да видите слика со Боки 13, со мене и со многу други општественици, пејачи , многу други луѓе од опозицијата и слично, но тоа не значи дека некој од нив е инкриминиран или дефинитивно е влезен во некаква структура на криминал, изјави Заев .
На споредбата на Мицкоски со нов октопод, Заев вели „дефинитивно е влезен во целиот негов октопод на криминалното дејствие на ВМРО-ДПМНЕ, кое што сака да го заштити и затоа избегнува секаков вид на комуникација, решение, сака да се блокираат процесите и самата оваа истрага“.