Заврши реконструкцијата и опремувањето на Центарот за ран детски развој во кочанското село Тркање, со што објектот е подготвен од почетокот на септември да почне со работа.
Центарот ќе функционира во состав на Јавната општинска установа детска градинка „Павлина Велјанова“ од Кочани, а според известувањето од Министерството за труд и социјална политика, донесено е решение дејноста да ја врши во објектот на подрачното училиште „Никола Карев“.
Центарот за ран детски развој во Тркање ќе згрижува и воспитува четириесет деца на возраст од три до шест години, односно до поаѓање во основно училиште, организирани во две хетерогени групи.
– Министерството изврши увид по што утврди дека се обезбедени соодветни просторни услови, опрема и дидактички средства, соодветен кадар, програма за вршење на дејноста, како и финансиски средства за отпочнување со работа на Центарот за ран детски развој во Тркање. Ние ги повикуваме сите родители на деца на возраст од три до шест години, на кои им одговара згрижување на деца во овој центар, да поднесат пријава за упис во објектот „Бамби“, кај автобуската станица во Кочани, истакна Едита Миткова, директорка на градинката „Павлина Велјанова“.
Згрижувањето и воспитувањето на децата преку Центарот за ран детски развој е бесплатно и ќе се реализира по три часа секој работен ден, а според соодветните услови, ќе започнува по завршувањето на училишната смена.
Работата на Центарот за ран детски развој во Тркање ќе биде олеснување за родителите чии деца се наоѓаат на листата на чекање, а чиј број е околу 200.