Нов мост во Богомила и обнова на патиштата во општина Чашка

Во село Богомила во општина Чашка денеска почна изградба на нов мост во кој ќе бидат вложени 15 милиони денари, а за кој активностите треба да бидат завршени за една година, информира директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Зоран Китанов, кој со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изврши увид на активностите за изградба на регионалниот пат Чашка-Лисиче.

Според Китанов, општина Чашка годинава ќе биде рехабилитирана инфраструктурно од сите страни. Последен пат асфалт во оваа општина е ставен во 1982 година.

– Од минатата година преземаме активности за подобрување на инфраструктурата. Минатата година беше завршен патот од Чашка до Стари Град, Богомила – Согле, а во моментов се работи патот од Чашка до Лисиче во должина од шест километри, а од другата страна, од Долнени, кај Прилеп се работи на рехабилитација на Гостиражни,  Црнилиште, Петле. Значи, од сите страни општина Чашка оваа година комплетно ќе ја рехабилитираме инфраструктурно, рече Китанов.

Се очекува патот Чашка – Лисиче да биде комплетно завршен наредната година.

– Според информациите од изведувачите и надзорот работата е во полн ек и се очекува  согласно роковите овој пат целосно да биде направен, рече министерот Сугарески.

Секојдневно апелираат до општините да аплицираат со проекти за локални патишта со оглед дека е во крајна фаза одобрувањето на 70 милиони евра за таа намена од Светска банка.

– Сите општини во државата ќе добиваат средства со цел уште повеќе да бидат изградени локалните патишта. Финансиите ќе може да се користат од наесен, а со поинтензивно темпо од пролетта следната година. Целта е да им помогнеме на општините за она што во изминатиот период од 30 до 40 години не е направено  и на тој начин граѓаните да добијат бенефит од сите овие патишта, наведе Сугарески.

Тој очекува во наредниот период драстично да се зголеми реализацијата на капиталните инвестиции во ресорот што го предводи, како и кај проектите преку Јавното претпријатие за државни патишта, каде се очекува интензивирање на автопатот Кичево-Охрид откако кинеската „Ексим банка“ ги одобри средствата за побаруваниот кредит.

– Во делот на капиталните инвестиции во ресорот Транспорт, иако ЈП за државни патишта не е во рамки на централниот Буџет, како корисник имаме одлична динамика на реализација на крупните капитални инвестиции. Моментно гасификацијата е над 40 проценти, а во ЈПДП преку 34 проценти и се очекува таа бројка да скокне драстично во најбрз временски период во делот на средствата за патот Кичево – Охрид  што во изминативе неколку дена беа одобрени од „Ексим банка“. Очекуваме со ситуациите коишто се произнесени во ЈПДП драстично да биде покрената реализацијата на тие капитални инвестиции, изјави Сугарески.

Според него, на терен се случува најавената градежна експанзија.

– Примарен фокус на Владата е изградба и реконструкцијата на патиштата низ цела држава. Во ек е градежната сезона, на средина сме од неа, со полн интензитет секаде низ државата, буквално во секоја општина, се работи на асфалтирање патишта без разлика дали станува збор за експресни, регионални, автопатишта, така што можам да констатирам дека она што во изминатиот период го зборувавме за силна градежна експанзија тоа и се случува, рече Сугарески.

Како што дополни тој, паралелно се одвиваат и инвестиците во комуналната инфраструктура, со изградба и обнова на водоводната и канализациска мрежа.