Министерот за локална самоуправа Горан Милевски попладнево со директорката на Центарот за развој на Источнопланскиот регион Драгица Здравева и претставниците од Општина Берово го посетија и објектот каде треба да биде граничниот премин Клепало. Милевски на терен се информираше во каква сотојба е преминот, но и колку километри од патот се потребни од македонска страна да се асфалтираат и реконструираат.
– Ние ќе дадеме акцент на доизградба на граничниот премин Клепало, ќе ги искористиме и другите ИПА фондови за да го направиме овој проект, вели Милевски.
Наредниот период ќе претстојат контакти и средби со претставници од соседна Бугарија за интензивирање на овој проект што ќе значи поголем број туристи, но и економски развој на Малешевскиот од македонска, а од бугарска страна регионот на Струмјани.
Милевски забележа дека тенденција на Владата е зголемување на средствата за регионален развој, а токму периодот што следи, како што рече, ќе значи и работа на терен, но и лобирање за добивање на средства од буџетот за наредната година.
Прашан кога ќе се потпишат договорите за тековно работење на осумте плански региони во земјава што се од исклучителна важност и претставуваат поддршка на општините за добивање средства и проект од ИПА фондовите, амбасадите и министерствата, Милевски со одговор дека кога влегол во Министерството затекнал низа реализирани проекти.
– Се договоривме со директорката на Центарот за развој на Источнопланскиот регион веќе наредната недела да се потпише договорот, а веќе во петок тоа ќе го сториме во Струмица за да го потпишиме со Југоисточниот плански регион. Овој месец ќе гледам да ги завршиме договорите со сите осум плански региони за да можат нормално да функционираат. Срамно е, јули е, договорите не се потпишани. За мене природно е да биде тоа почеток на година, но еве од некои нејасни причини се задоцнило, рече Милевски.