ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги урна угледот и достоинството на државата

Зоран Заев и донесе меѓународен срам на Република Македонија. Тој со неговиот криминоген и расипнички карактер ги урна угледот и достоинството на државата.

Разговорите со лажниот Порошенко покажаа дека Заев без воопшто да размислува веднаш се впушта во криминални дејствија. Очигледно дека тој првото нешто на кое помислува е мито па затоа нема проблем да понуди поткуп било тоа да се работи на македонски бизнисмени, или пак на Вселенскиот Патријарх.

Дека Заев е опкружен со криминал ни откриваат и пораките кои самиот тој ги пуштал до комичарите, каде се гледа дека во владиниот кабинет одржувал средби со меѓународен криминалец обвинет за нелегално финансирање на политички изборни кампањи, перење на пари и поткуп за пропаганда со лажни вести, но и инволвиран во скандали во земји кои се докажани пријатели на Македонија.

И тоа не е единствен пример каде ги загрозува односите на Македонија со други држави. Слушнавме како ги загрозува пријателските односи со соседите и како го озборува и исмејува како на селска чешма актуелниот претседател на Украина, Владимир Зеленски нарекувајќи го популист, а со комичарите се согласува и дека е платеник на Русија.

Воедно тој без проблем и без размислување издава стратешки тајни за Република Македонија и регионот, но и телефонски броеви од странски државници и кој знае уште какви важни информации има споделено во тие година дена колку што траеле разговорите со лажниот Порошенко.

Разговорите исто така ни откриваат дека Заев ги потценува граѓаните и гласачите во Република Македонија. Во еден од тие разговори тој веднаш се согласува со сталинистичката изрека дека не е важно како гласаат граѓаните, важно е како се бројат гласовите, што доволно ни кажува како ги организираше изборите и референдумот во државава и зошто обвинителството не реагираше за изборните нерегуларности.

Одговорност за сето ова мора да има. Не само што постојат индиции за криминал и прекршоци за кои обвинителството мора да реагира, туку изнесени се и сериозни информации и сторени се дипломатски и меѓународни скандали со кои нанесена е огромна штета на Македонија.

Секој изминат ден со Зоран Заев и неговиот неспособен тим значи поголем срам за Република Македонија во меѓународни рамки. Зоран Заев што побрзо мора да си замине, за да може што побрзо да се поправи штетата која секојдневно им ја нанесува на граѓаните и на државата.