Со доделување на дипломи и благодарници, кои на учесниците лично им ги врачи градоначалникот на Општина Демир Хисар Марјанче Стојановски, во манастирот „Св.Јован Претеча“ во Слпче, заврши традиционалната демирхисарска школа.
Според концептот на културниот настан, и оваа година се дебатираше и анализираа најнови научни достигнувања и истражувања од сверата на архитектурата, теологијата и други теми во кои се вклучија студенти и професори од државата и странство.
-Демирхисарската летна школа е наш препознатлив културен и образовен бренд на што ние Демирхисарци сме особено горди. За квалитетот на содржините се погрижија нашите соработници од Архитектонскиот факултет при УКИМ-Скопје, а низ за возврат им понудивме одлични услови за работа и истражувања на различни локалитети како што се црквата Св.Никола Топлички кај Жван, бибилиотеката Алби во Бабино, потоа изворот Степаноец со извонредно чиста и ладна вода, како и црквата Св. Јован Богослов во Слепче, рече меѓудругото градоначалникот Стојановски на затворањето на школата.
Во периодот од 7 до 14 јули во Демир Хисар се одржаа и повеќе работилници од областа на теологијата за што беа организира посети на селата Белица, Прострање, Велмевци, Железнец и Доленци. Во селото Белица беше направен увид во храмовите „Свети великомаченик Ѓорѓи Победоносец“ и „Свети маченик Александар“ кој е единствен храм посветен на овој светител во Северна Македонија и тесно се поврзува со неговото мачеништво.
-Во храмот „Свети Ѓорѓи“ беа идентификувани икони од зографот Дичо Зограф. Во селото Прострање беа посетени храмовите „Света Петка“ каде што беше идентификувана икона од XIX век, потоа „Свети Атанасиј“ и „Свети Никола“. Во селото Велмевци учесниците го посетија храмот „Свети Илија“ каде беа идентификувани фрески и икони од ученикот на Дичо, Серафим од Тресонче. Во селото Железнец истражувањата временски се поклопија со секциите Архитектура, Дизајн за мебел и ентериер и Историја на уметност. Таму беше посетен храмот „Свети Никола“, а во селото Доленци го посетија и храмот „Успение на Пресвета Богородица“, потврди Стојановски.