Премиерот Зоран Заев изјави дека на средба во Владата со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин разговарале за случајот со руските пранкери и дека тоа нема да влијае на односите на Република Северна Македонија земја со Руската Федерација, а соработката ќе продолжи.
-Дефинитивно заклучивме и двајцата дека ова е во сферата на приватни дејствија и така е и претставено во јавноста. Пријателството секако останува. Наша е обврска е да го надоградува и да расте. Работиме на нови економски проекти. Верувам дека и трговијата ќе расте со Руската Федерација. Модерните технологии можат некој пат да направат вака непријатни чувства, но земјите мора да го унапредуваат пријателството, изјави Заев одговорајќи на новинарско прашање по отворањето на фабриката на АТС Груп во Визбегово.
Прашан дали руските власти ќе преземат нешто во врска со случајот, Заев рече дека ниту во нашето ниту во руското законодавство постојат малку одредби за ограничување на ваквите случаи.
– Дефинитивно, конечното е да ги унапредиме нашите безбедносни протоколи и да внимаваме секогаш кога разговараме тоа да биде проверено. Само на тој начин ќе можеме да го избегнеме тоа, истакна премиерот.
Заев потврди дека вчера телефонски разговарал со косовскиот претседател Хашим Тачи, дека му се извинил во врска со содржината од објавените снимки од страна на руските пранкери, доколку тоа му предизвикало непријатни чувства и оти се договориле соработката меѓу двете земји да продолжи.
– Кога разговараме вака невнимателно, разговараме на база на информации од медиуми, од шпекулации. Ние не сме вклучени во разговорите помеѓу Приштина и Белград. Нашиот став е да расте мирот, пријателството, регионалната соработка. Да одат земјите кон европската интеграција. Тоа е заедничка цел. Остануваме пријатели на Косово. Драго ми е што и тој позитивно изреагира. Ја прочитав изјавата. Ние сме пријателски земји и секако треба да сметаме на нашето заемно пријателство, рече на новнарско прашање премиерот Зоран Заев.