Заев: Законот за ЈО да се донесе за граѓаните и иднината на државата

Премиерот Зоран Заев го повика лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заеднички да изнајдат решение за Законот за јавно обвинителство, не само заради Европската Унија, туку за граѓаните и иднината на нашата држава.

Според Заев, ВМРО-ДПМНЕ и кога е во опозиција се однесува непријателски кон државата и нејзината иднина и го повика лидерот Христијан Мицкоски, поради тоа што му е обврска, да излезе и да седнат заедно да изнајдат решение за СЈО.

– Се уште ни виси Законот за јавното обвинителство, со решение за СЈО. Ние мора да изнајдеме решенија за вакви прашања, не само заради Европската Унија. Таа ни даде одличен извештај и ќе добиеме одлука. На крајот, уште поважно е граѓаните очекуваат да донесеме Закон за јавните обвинители, за конечно во нашата земја да имаме закон со кој ќе придонесеме во реформите во правосудството, изјави Заев во вечерашното интервју за телевизијата Клан Македонија.

Посочи дека останатите законски решенија за правосудството се донесени низ преговорите и Поглавјата 23 и 24.

– Oдговорноста е и на опозициjaта за Законот за јавното обвинителство. Тоа мора да го решиме за иднината на државата. Јас сум човек што наоѓа компромиси. Не фунционира до крај правосудсниот систем заради ова нерешено прашање, затоа треба веднаш да го решиме. Знам дека треба 80 пратеници и да има консензус по ова прашање, изајви Заев.

Изрази надеж дека барем до крајот на јули ќе може да го дефинираат политичкиот договор и да ги дефинираат контурите.