ММФ отвора регионална канцеларија во Виена за Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) отвора нова регионална канцеларија на резидентен претставник за зајакнување на односите со Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, со седиште во Виена, соопштила шефицата на мисијата на ММФ Џесмин Рахман на средба со вицепремиерт за економски прашања Кочо Анѓушев.

Со оваа канцеларија ММФ тежнее за одржување блиски релации со четирите земји, како и со донаторите, меѓународните институции, вклучувајќи ја и Светска банка и австриската Влада, која е важен трговски и развоен партнер на регионот на Западен Балкан.

Новата регионална канцеларија ќе биде раководена од Стефани Ебле, која моменто е шеф на мисијата на ММФ за Косово. Ебле претходно работела на Украина, Грција, Србија и Босна и Херцеговина. Таа ќе ги надгледува локалните тимови во постојните канцеларии во Албанија, Косово и Северна Македонија, кои ќе продолжат со работа и понатаму, се наведува во соопштението на ММФ, што го пренесува Кабинетот на вицепремиерот.

На средбата Анѓушев истакнал дека во првиот квартал годинава е забележан силен раст на бруто домашниот производ (БДП) од 4,1 процент. Тоа, посочил, е ако резултат на континуирани и комплементарни економски мерки со кои се стимулираат нови инвестиции, технолошки развој и внесување на иновации во компаниите, отворање на нови работни места и повисоки плати.

Вицепремиерот дополнил дека растот на БДП во првиот квартал е резултат на реалната економија, на индустриското производство од 6,7 проценти и на растот на извозот на компаниите од 14,7 проценти, отворените над 50.000 работни места во последните две години, од кои 16.700 само во првиот квартал на годинава, како и растот на платите од околу шест проценти на годишно ниво.

Анѓушев ги презентирал мерките од Програмата за економски реформи 2019-2021, со кои, како што навел, дополнително ќе се подобри бизнис климата и ќе се стимулира повисок и одржлив економски раст.

На средбата, што се одржува во рамки на годишната мисија на ММФ за спроведување на годишниот економски преглед, присуствуваше и Себастиан Соса, раководител на канцеларијата на ММФ за државава.