Претседателот на грчката опозициска партија Нова демократија изрази загриженост дека владата наместо да се стреми кон национален консензус, води тајна дипломатија, без да ги извести партиите. Кирјакос Мицотакис, за време на неговата турнеја во Северна Грција, како што јавува дописникот на МИА од Атина, на средбите со граѓаните и градоначалниците, говореше и за прашањето за името. Ја спомена и средбата на двајцата министри за надворешни работи, велејќи дека слушнал дека Коѕијас е во Солун за да се сретне со Димитров.
– Не знаеме што разговараат, не знаеме за што преговараат, не знаеме што имаат дадено, што земале. Не знаеме ништо, рече Мицоткаис, коментирајќи ја вчерашната средба.
Претседателот на опозициската конзервативна партија, рече дека владата треба да запре со постапките кои ги делат Грците.
– Од овде од најсеверната граница на земјата, сакам, уште еднаш да ја повикам владата, одговорно да ја извести опозицијата за важното прашање за името на Скопје и конечно да запре да се занимава со тајна дипломатија. Исто така, барам од владата да запре да ги дели Грците. И да запре, луѓето што имаат посебна чувствителност за прашањето за името на Скопје, да ги поистоветува со радикалната десница, порача лидерот на Нова демократија, пренесува МИА.
Во сите негови обраќања за време на дводневната турнеја во градови од Северна Грција, Кирјакос Мицотакис, ја споменуваше позицијата од 2008 од НАТО самитот во Букурешт, како национална линија, потенцирајќи ги трите предуслови што ги поставува неговата партија, кои како што веќе објави МИА, пред два дена им ги соопшти најпрво на неговите сопартијци.
– Кога разговараме за Букурешт, многу пати имам кажано и сакам да ви повторам, да запомните три работи: не е само името, името е едно од трите работи. Второ, употребата на името, она што го нарекуваме ерга омнес, односно употребата да биде за сите, а не да се однесува само на нашите билатерални односи, туку да се однесува на односите на таа држава со сите други држави и меѓународни организации. И трето, секако нешто што многу нѐ засега, а тоа е прашањето за иредентизмот и неприфатливите барања пренесени на географски карти, со споменици, имиња и обиди за злоупотреба на нашата историја и историското наследство на Македонија, рече Мицотакис.
Лидерот на опозициската партија рече дека доколку предложеното решение не ги задоволува нивните барања нема да го поддржат со нивниот глас.
Запрашан за протестите што се организираат во Солун, Мицотакис рече дека секој граѓанин има право слободно да ги изрази неговите позиции, на начин на кој самиот граѓанин смета дека е најсоодветен.