Претседателот на грчкиот Парламент Никос Вуцис денеска изрази оптимизам во врска со решавање на прашањето за името на Македонија, нагласувајќи дека сега постои голема шанса што не смее да се пропушти, јави дописникот на МИА од Атина.
– Ова прашање беше одложувано долги години. Ова е важна шанса за негово решавање што може да се искористи и јас сум оптимист, изјави Вуцис за државната грчка телевизија ЕРТ.
Прашан дали постои интерес од други страни да се најде решение меѓу Атина и Скопје, Вуцис одговори дека сите се заинтересирани за затворање на ова прашање, особено ЕУ, НАТО и соседните земји.
Во врска со спротивните ставови што ги искажува Панос Каменос, лидерот на независни Грци, помалиот коалициски партнер во Владата, Вуцас вели дека не очекува проблеми и оти ќе биде постигнато владино единство и парламентарно мнозинство во врска со евентуалниот договор за прашањето за името.
За забелешките од Грчката православна црква, претседателот на Парламентот на Грција вели дека таа може да има свои ставови за сите прашања, но оти државната политика ја води Владата и таа не треба да биде поткупувана од црквата.