Двете Преспански езера во Долна Преспа

Кога се пишува за Преспанското Езеро, треба да се нагласи дека тоа е дел на природните случувања во Преспанската Котлина. Тоа се наоѓа во западниот дел на етничка Македонија, а после делбите во 1912/13 година остана на крајниот југозападен дел на Реублика Македонија

Инаку,нема податоци кога населението ја има „поделено” котлината на Горна Преспа, Долна Преспа и Мала Преспа. Во трите делови постои незначителна разлика во говорот, носијата и обичаите на месното население. Меѓутоа се знае дека во X век во Преспа била востановена првата митрополија која за Македонците претставувала силно светилиште на просветата и културата. По нејзиното формирање во сите населби околу Преспанското Езеро биле подигнати голем број цркви и манастири, преку кои се ширела просветата и духовното живеење.

Делбите на Македонија почнале на карта 1912 година, а практично на терен завршиле во 1924 година. Така сега од вкупната површина на хидролошкиот слив на Преспанска Котлина, 56,42 % припаѓа на  Република Македонија, 23,82% на  Република Грција и 19,76% припаѓа на Република Албанија.

Инаку, Големото и Малото Преспанско Езеро поврзуваат две историски значајни точки. Во Преспа на островот Ахил во Малото Преспанско Езеро, 976 година се создало по втор пат Самуиловото Царство, коево 1014 година имало неславен крај кај селото Клуч на подножјето на планината Беласица. Самуиловата војска била поразена од војската на Василие Втори (Македонецот н.з.). Притоа настрадале 14 илјади војници кои биле ослепени и од кои голем број биле вратени во Долна Преспа.

vovo2

Островот Голем Град

Малото Преспанско Езеро, пак,  се наоѓа на 3 метри повисоко до Големото Преспанско Езеро при што негоите води преку природен прокоп кај јужниот дел на превлаката Гладно Поле и некогашното старо село Долно Перово истекуваат во Големото Преспанско Езеро.Тоа е дел од етничка Македонија кое се наоѓа во Долна Преспа која е во границите на Република Грција. И Малото Преспанско Езеро е поделено меѓу јужниот сосед (поголемиот дел) и Албанија. Во него постојат два острова: Ахил и Видринец, двата на територијата што му припаѓа на јужниот сосед.

Често се вели дека еден од бисерите на оваа убава езерска земја на Балканот – Македонија е, секако, Преспанското Езеро. Тоа е познато по својот жив свет, крајбрежјето, изворите, природните убавини, геолошките, геоморфолошките, хидролошките, лимнолошките и други научни вредности. Затоа, Езерото придонесува Преспа, особено Долна Преспа да биде позната со своите културни, туристички, рекреативни и други стопански значења и вредности за македонската општествена заедница.

Како еден од светските феномени што претставува реткост за Долна Преспа и за Балканот е, секако, тоа што трите државни граници се сечат на тромеѓето на самите езерски води на неколку стотини метри од островот Голем Град,

Преспанското Езеро е карактеристично и единствено по тоа што во него има два острова, Голем и Мал Град. Островот Големиот Град е единствен во Република Македонија. При посетата на овој остров се забележува дека тој е огромна карпа, која, веројатно, се откинала од соседните планини од големи земјотреси. Таквите тектонски промени во минатото направиле големи измени во Преспа и пошироко.

Како природна реткост островот Голем Град кој зафаќа површина од околу 2 километра квадратни, е заштитен со закон и спаѓа во рамките на Националниот парк „Галичица”. Островот е познат како омилено излетничко место за посетителите на Преспа, како и археолошки локалитет со остатоци од живеалишта, цркви и некрополи. Заради некогашната населеност го добило името Град, а името Голем го добил заради разликата во однос на помалиот остров Мал Град, кој е недалеку од Пустец, во Албанија.

Островот Голем Град бил привлечен уште од римската епоха преку средниот век па до денес, што се потврдува со два откриени слоја гробови кај постојната црква „Свети Петар“, од XIV век и кај темелите на црквата „Свети Димитрија“. Се раскажува дека на островот некогаш имало седум цркви и тоа: „Свети Петар“, „Свети Димитрија“, „Свети Атанас“, „Света Богородица“, „Свети Ѓорѓи“ и „Свети Илија“, што укажува на фактот дека бил густо населен и играл значајна улога во севкупниот живот на населението во Преспа.

vovo3

Пеликани во Преспанското Езеро

И островот Мал Град има иста или слична судбина и историски развој како и Голем Град. И тој, исто така, бил населуван и има археолошки остатоци, а денес постои само пештерската црква „Свети Петар“.

Денес Преспанското Езеро има пониско ниво на водата за околу 7 метри, а е забележано во последните триесетина години. Како феномен, езерото има постојан истек на водите преку понори под планината Галичица во Охридското Езеро, кое лежи на помала надморска височина за близу 160 м. Докажано е дека водата од изворите кај манастирот Свети Наум во Охрид и кај селото Тушемиште (албанска територија) дотекува од понорот „Завир“ во Преспа.

Најголемата длабочина на Езерото е 76 метри, измерена кај месноста „Казан“ во близина на северниот одрон на Пречна Планина, недалеку од селото Нивици со провидност на сино-зеленикавата вода од околу 10 м.

Историските извори пока­жу­ваат дека Преспа, заедно со Охрид, претставувала крстопат на цивилизациите. Трајни све­дош­тва за тоа се бројните спо­ме­ници од ма­теријалната култура на Македонците, но и остатоците од три важни магистрални па­тиш­та Виа Игнација, Епирскиот и Ста­риот битолски пат, како нај­стар каравански пат од визан­тиско време и средниот век.

Исто така, Преспанскиот регион е вистинска база, резерват на илјадници видови птици, риби, животни и голем број растенија. Богатата флора и фауна овој крај го прават уште попривлечен. Во Преспа живеат околу 380 видови птици, од кои дваесетина вида се вистинска реткост. Посебно во Мала и Долна Преспа се забележуваат многу пеликани, корморани, орли и јастреби. Статистичките податоци покажуваат дека само во 1969 година биле забележани 100 двојки пеликани, од вкупно 400 колку што живеат во Европа. Преспа е единственото место во светот каде што живеат толку многу пеликани на еден простор.

Инаку, фауната и флората на Преспанското Езеро е помалку истражена во однос на Охридското Езеро. Меѓутоа утврдено е дека е типично олиготрофна со доста голем број реликтни и ендемични организми. Посиромашно е со риби од Охридското Езеро. Најзастапена е белвицата-нивичка, бела слатка риба најдолга до 10-15 см. Најмногу ја има во длабоките и чисти води во атарот на с. Нивици, по кое го добила името нивичка.

Исто така, во Преспанското Езеро живеат и специфични видови риби: јагули, крапови, скобусти, пастрмки, плашици, мрени и други. Во густите шуми околу езерото живеат прекрасни ретки животни, како елени и срни, а мечките, волците, зајаците, лисиците и другите диви животни се постојани жители на шумите во овој регион.

Мајката природа на Долна Преспа ѝ подарила богатство на убавини и атрактивности. Во исто време, историјата ѝ оставила непроценливи траги од значајни настани. Затоа долнопреспанци каде и да се во родниот крај или надвор од него, се радуваат со сето тоа што го има во Долна Преспа, се гордеат и го чуваат ваквото богатство за идните генерации.

Она што на Долна Преспа и на нејзината историја ѝ дава посебен белег е нејзиното богатство со културно-историски споменици, уште од времето кога била староримска крстосница и прва престолнина на цар Самуил. Црквите и манастирите градени во времето на свети Климент и свети Наум Охридски (IX и X век) и во времето на Самуиловото Царство во X и XI век, биле разурнувани од разни антимакедонски завојувачи, многу од нив биле обновувани, но, пак, уништувани за време на владеењето на Турската Империја.

Неколку културно-историски споменици од XI до XVII век, се сочувани благодарение на нивната местоположба (оддалеченоста од комуникациите или локацијата во планинските региони). Такви се „Света Петка“ од XIV век во Брајчино, „Свети Атанас“ и „Свети Архангел“ од XIV век во Долно Дупени, „Свети Петар“ од XIV век во Голем Град, и сливничкиот манастир „Света Богородица“ од почетокот на XVII век.

vovo4

Делото „An English–Macedonian Limnological Dictionary / Англиско–македонски лимнолошки лексикон“, на Славе Николовски-Катин е издание на Хидробиолошкиот завод, Охрид, 1986, 1-206, (на англиски и македонски). Делото, пак, „Преспа“ на Кирил Јоновски е издание на „Генерал импекс“ од Скопје, 2000, 1-190.

Значајни споменици од минатото на Долна Преспа се и Кулата Сливница, Кулата Крани-Арвати, Кулата Штрбово и Кулата Љубојно. Вакви културно-историски знаменитости постојат и во деловите на Преспанската Котлина кои денес се наоѓаат во делови на етничка Македонија, во Република Грција и Република Албанија.

Често се вели дека деновите во Преспа си личат еден на друг: си минуваат неосетно, така што тешко можат да се разликуваат годишните времиња. Единствен знак на распознавање е доаѓањето и заминувањето на птиците, како и промените на боите на почвата, цветовите и плодовите на овошките.

Спектарот на боите што се пренесува преку питомите води на Преспанското Езеро е раскошен во секој временски период, што е резултат на мошне благата клима, со минимална влажност. Затоа со право се вели дека Долна Преспа е еден вид „Рај на Земјата“.

Продолжува

c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН