Шекеринска: Обезбедивме постојана контрола, нема никакви последици по животната средина од „Одлучен удар” на Криволак

Обезбедивме постојана контрола на животната средина пред и за време на вежбата „Одлучен  удар” на Криволак, а истражувањата покажаа дека не се предизвикани никакви штетни последици, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

-Заедно со Универзитетот ,,Гоце Делчев” и Институтот за јавно здравје, пред почетокот и во текот на вежбата обезбедивме постојана контрола на животната средина. Резимето на двете истражувања покажува дека не сме предизвикале штетни последици по здравјето на луѓето и по природата и тоа ќе ни стане стандард. И во рамки на Кривоклак ќе обезбедиме кога ќе имаме вежби постојани мерења, со што ќе знаеме буквално каков е ефектот што го имаат вежбите врз животната средина, нагласи министерката.

Таа денеска беше на Криволак заедно со министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ.

– Покажавме дека регионалната  соработка може да биде корисна. По се изгледа ова ќе биде  не само најголема вежба во нашата држава, туку дефинитивно и една од најуспешните. И покрај големиот логистички предизвик, успеавме да обезбедиме добри резултати и во организацијата и во реализацијата на вежбата, рече Шекеринска.

Дополнително како резултат на оваа вежба направени се две подобрувања и унапредувања на работата на полигонот Криволак.

– Првата се состои во реконструкција на железничката инфраструктура на Криволак, која е изработена пред многу години од бившата држава и бившата армија и која до денеска воопшто не е реновирана. Затоа беше  невозможно транспортот да го вршиме по железнички пат. Во соработка со нашите претпријатија за железнички сообраќај успеавме да го реновиравме кракот на железничката пруга што доаѓа до Криволак и на тој начин да овозможиме најголемиот дел од транспортот во иднина да го реализираме преку железница, а не преку патната инфраструктура. Тоа е добро за армијата бидејќи сме поефикасни, меѓутоа тоа е добро и за државата,  бидејќи ја ослободуваме државата од потребата да се користи патната инфраструктура за вакво вооружување. И најголемиот дел од возилата по завршување на вежбата ќе заминат по железнички пат, додаде министерката.

Задоволство од присуството на Криволак и од текот на вежбата искажа и црногорскиот министер, Бошковиќ.

– Сакам да и честитам на Македонија на успешно завршените преговори за членство во НАТО. Очекуваме до крајот на оваа година да се заврши и делот на ратификација на протоколот за прием на Македонија како 30 членка на НАТО. Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора се навистина одлични. Тоа го докажавме и со заедничка седница на владите во мај годинава. Во одбраната исто така извонредно соработуваме и можеме да служиме како пример на  одлична соработка за другите земји од Западен Балкан, рече Бошковиќ.

И тој потврди дека добил две студии кои покажуваат дека нема загадување на животната средина на Криволак.

Дејан Мираковски, професор и раководител на лабораторијата во Универзитетот ,,Гоце Делечв”, информираше дека во рамки на соработката со МО и МЖСПП,  лабораторијата на АМБИКОМ постави т.н периметарски мониторинг на три локации во зоната на Криоволак.

– Мониторингот  беше перманенетен од 30 мај заклучно со 30 јуни. Се мереа во реално време концентрациите на суспендирани цврсти честички во 24 часа. Генерално по периметарот, ниту  еден од резултатите не ги надмина дозволените норми за 24 часовна врендост. Во просек се движеа од 20 до 30 микрограми на метар кубен. Истовремено, на една од локациите во кампот на војницата беше поставен и гравиметарски семплер кој служеше да го провериме хемискиот состав на прашината. Беа анализирани сите неоргански елементи. Значи типична прашина соодветно на геолошкото потекло на подлогата во зоната на Кривокак. Ниту еден тежок метал не е надвор од дозволеното, а некаде и ги нема, соопшти Мираковски.

Тој додаде дека имаат мониторинг станици во Кавадарци, Штип Струмица и Прилип .

-Во ниту еден од градоите каде имаме станици не е надмината 24 часовната вредност. Во Штип една вечер имаше 120 микрограми тоа беше 4 часа и повторно не беше надминато дозволеното. Кавадарци и Штип имаат одличен воздух, рече Мираковски.

Запрашан од што беше чадот за кој имаше реакции во јавноста, рече дека инструментите биле повлечени на 30 јуни, а чадот бил на 1 јули.

-Едноставно се случува да се горат стрништа, депонии. Станиците ги регистрираат тие загадувања, одговори Мираковски.

На прашање до министерката Шекеринска околу полигонот, таа рече дека потенцијалот го квалификуваа и оценија експерти од НАТО кои ги познаваат сите полигони од ваков тип низ европскиот континетнт.

-Сите велат дека географијата, големината на полгионот навистина е реткост во Европа и дека  нуди голем потенцијал ако државата сака и знае како да го искористи. Затоа инвестираме во инфраструктура. За да можеме да понудиме нешто и за нашата армија и за нашите сојузници, но во исто време да понудиме и за локалната средина. Секогаш кога работиме на Криволак водиме сметка да има некаков интерес за локалното население. Во моментов разговараме околку можноста, МО да ја помогне реконструкцијата на локалниот пат кој води до полигонот, бидејќи во тек на нашите активности ние и го оштетуваме тој пат. Таа соработка меѓу војската и населението е многу важна. Таа е дел од сите политики и на НАТО алијансатам но и на нас како држава. Ако успееме да го засилиме потенцијалот на Криволак убедена сум дека бенефит ќе имаат не само армијата и државата туку и целиот регион, додаде министерката.

Министрите Шекеринбска и Бошковиќ денеска на Кривола присуствуваа на вежбовна активност – артилериско гаѓање од страна на припадниците на вооружените сили на Црна Гора кои се дел од вежбата „Одлучен удар“.

Артилериските боеви гаѓања кои беа изведени во реонот на „Караоџали“ на АП „Криволак“ се едни од последните вежбовни активности на оваа најголема воена вежба реализирана во Република Северна Македонија.

Вежбата „Одлучен удар“ започна на 5 јуни, а ќе трае до 9 јули. Вклучува над 2.700 припадници од вооружените сили на шест држави – Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија. Оваа вежба е можност за развој на интероперабилноста на нашата Армија со вооружените сили на земјите – учеснички, кои се и земји – членки на Алијансата. Воедно, нашата држава како домаќин на вежбата, покажува дека поседува искуство и капацитет за организација на големи и комплексни вежби, и тоа на полигон кој ги поседува сите потребни услови за изведување на ваков тип теренски вежби.