Високите дневни температури од почетокот на оваа недела предизвикаа зголемување за околу една четвртина на просечната потрошувачка на вода за пиење од градските водоводи во Кочани и Виница.
Во текот на изминатото деноноќие во комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани регистриран е пораст на потрошувачката за две илјади кубни метри вода дневно, со што испораката до корисниците се наоѓа во горното ниво на капацитетот на водоснабдителниот систем.
-Во моментот испорачуваме по околу 190 литри вода во секунда, односно за триесетина литри повеќе во споредба со претходната недела. Капацитетот на бунарскиот систем и на мрежата воопшто, е димензиониран на околу 250 литри во секунда, така што немаме никакви проблеми и застои во испораката до потрошувачите. Состојбата ја следиме секојдневно, а со редовното одржување на водоводната мрежа и покрај повремените дефекти, не очекуваме драстично влошување на водоснабдувањето, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.
Во комуналното претпијатие „Солидарност“ во Виница, исто така, е забележан пораст на дневната потрошувачка на водата за нешто повеќе од илјада кубни метри, а до сега немало прекини во снабдувањето.
-Нашиот систем просечно испорачува по околу 60 литри вода во секунда, а има периоди од денот, посебно во доцните попладневни часови, кога потрошувачката е нешто повисока од вообиачената. За сега сè уште го користиме капацитетот на Градечка Река, но веќе се подготвени два бунари со кои дополнително можеме да интервенираме ако се јави потреба или ако нивото на реката се намали, истакна Павле Стојковски, одговорен во секторот за водонабдување на ЈКП „Солидарност“.
Со оглед на најавите дека високите дневни температури ќе продолжат и во наредниот период, од двете комунални претпријатија упатија повик до корисниците на услугите, крајно рационално да ја користат водата од водоводните мрежи, а за секој дефект или прекин во водоснабдувањето веднаш да ги известат дежурните служби.