Министерот за економија Крешник Бектеши во Технолошко-индустриската развојна зона Тетово го посети објектот во изградба на компанијата „Глас Флекс“, создадена со македонско-холандски капитал. Во фабриката од 9.000 метри квадратни се очекува од октомври да започне производство на стакло со вработување на 300 лица.
-Ние ќе настојуваме и ќе бидеме посветени за да им ги исполниме сите услови на приватниот инвеститор тука во Тетово се со цел да се привлечат се повеќе инвеститори во оваа зона што нема да влијае само во развојот на општина Тетово туку и на целиот полошки регион. Ние ќе продолжиме да креираме такви политики и да правиме такви инвестиции се со цел да да се отворат нови работни места и да се инвестира што повеќе во овој регион, а тоа ќе влијае во подобрување на животниот стандард на сите граѓани што живеат во овие општини. 80 отсто од производството ќе биде за извоз, ќе има неколку позитивни ефекти од вакви инвестиции и јас сум убеден дека ова ќе биде само почеток и дека оваа година ќе има прилика уште повеќе инвеститори да дојдеме и да ги посетиме во оваа зона, рече министерот Крешник Бектеши.
Објектот на „Глас-Флекс ДООЕЛ“ од Скопје е на 9.000 квадратни метри, а ќе се произведува калено, луминирано и друг вид специјализирано стакло.
-Објектот е започнат крајот на 2018 година и до крајот на месецов ќе биде завршен. До август месец треба да се постават инсталационите работи внатре и да пристигнат машините кои се со потекло од Финска Италија како и да се направи монтажа на машините. Во септември ќе имаме испитување на машините и во октовмри се надеваме дека ќе почнеме со производство на калено и луминирано стакло во Македонија. Ваков тип на фабрика на Балканот е единствен со вакви современи машини. 80 отсто од производството ќе оди за извоз, 20 отсто на домашниот пазар, изјави Гоце Пешев, проект менаџер на објектот.
Арбен Халили од компанијата Нормак која стопанисува со ТИРЗ Тетово, вели дека дополнителен поттик претставува фактот што самиот министер од блиску ги следи работите и истовремено новата инвестиција што се реализира во рамки на слободна економска зона.
-Ова е едно добро огледало дека во оваа зона стварно може да дојдат сериозно инвеститори кои сакаат нивните стратешки цели да ги развијат и нивните бизниси, рече тој.
Министерот Бектеши изрази уверување дека во најкраток можен рок ќе почне со градба пристапниот пат до автопатот Тетово-Скопје со цел поврзување на зоната.
-Процедурите се во Агенцијата за патишта и секако дека ние ќе им дадеме како Влада обврска да се почне со подготовки што побрзо да се гради пристапен пат, рече Бектеши.
Во првата фаза во фабриката за стакло се предвидени 300 вработувања со можност за зголемување на бројката.