Планинарење, јога, кајакарење, јавање коњи, настапи на бендови и изведувачи од земјава и од регионот се активностите што ќе го одбележат тридневниот настан „When in Krusevo“, што од денеска до 23 јуни ќе се одржува во Крушево.
– Основната мисија на тридневниот фестивал, организиран од здружението на граѓани „Outdoor Manifest“, е промоција на капацитетите за алтернативен туризам на градот и околината, преку организирање повеќе групни и индивидуални спортски, адреналински и рекреативни активности, наведоа организаторите.
Овој настан ќе ја сврти македонската публика кон сопствените неистражени богатства и ќе понуди свеж пристап кон социјалниот живот.
– „When in Krusevo“ како концепт и идеја е одличен пример за настан што ја промовира земјата како атрактивна дестинација, како за странските така и за домашните туристи, соопштија организаторите.
Антонио Кузмановски, еден од организаторите на настанот, нагласи дека основен мотив и движечка сила зад „When in Krusevo“ е нивната љубов кон градот, природата, дружбата и желбата да го направат Крушево преферирана викенд-дестинација за многу Македонци.
– Крушево има огромен неискористен потенцијал за спортски активности, природа, знаменитости, одлична храна и идеална клима. Тоа нè натера да се потрудиме, да го искористиме тој потенцијал и да ги собереме сите рекреативци и љубители на адреналински спортови на едно место. Атрактивноста на настанот за странците и нас нè изненади позитивно и со нетрпение чекаме да се случи овој викенд, кој ќе обедини спорт, музика, добра енергија и различности, истакна Кузмановски.
Еколошкото друштво „Outdoor Manifest”, поддржано од Општина Крушево и неколку локални и регионални компании, по докажаниот успех имаат силна надеж и верба дека фестивалот ќе прерасне во традиција и ќе придонесе кон промоција на крушевскиот алтернативен туризам не само кај домашните туку и кај странските туристи. Бројот на посетители во изминатите години се проценува дека е над 3 000, годинава се очекува оваа бројка да се надмине.