Почнува состанокот на Конституенцата на ММФ и СБ

Од денеска со недела земјава е домаќин на Состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светска банка (СБ) во која членува нашата земја. Организатори на состанокот се Министерството за финансии и Народната банка, на кој ќе учествуваат меѓународни експерти кои ќе дискутираат за клучни економски теми.

Состанок претставува значајна можност да ја потврдиме подготвеноста да бидеме носители на настани што се на високо експертско ниво. Средбите на Конституенцата претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки на Конституенцата разменуваат мислења за економските политики и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија, сметаат организаторите.

На Состанокот на Конституенцата ќе учествуваат директорот на Одделот за фискални работи во ММФ, Виктор Гашпар, директорот на Одделот на ММФ за Европа, Пол Томсен, потпретседателите на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер и за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија Георгина Бејкер, како и директорите во ММФ и СБ задолжени за Холандско-белгиската конституенца, Антони де Ланој и Кун Дависе се само дел од претставниците на двете меѓународни институции што доаѓаат во Скопје.

Потврдено е учество на 10 гувернери на централни банки и четврорица министри за финансии, а како главен говорник и учесник на една од панел-дискусиите е истакнатиот професор Луиџи Зингалез од Чикашкиот универзитет.

Министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека ова е најголем настан во областа на финансиите во последната декада, а присуството на високите гости е потврда за за угледот што го уживаат Министерството за финансии и Владата, за прогресот на реформите во јавните финансии и истовремено е доказ за вистинската насока во која се движи нашата држава.

Во рамки на состанокот денеска во Министерството за финансии ресорниот министер Драган Тевдовски и потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер ќе ја презентира Стратегијата за соработка помеѓу Светска банка и Република Северна Македонија.

Покрај тоа ќе биде потпишан и Меморандум за соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за поврзување на домашните компании со странски.

Меморандумот ќе биде потпишан од страна на потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација во групацијата на Светска банка Георгина Бејкер, министерот за финансии Драган Тевдовски и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада. Проектот е финансиран од СЕКО.

-За нас проектот на Меѓународната финансиска корпорација за поврзување на странските и домашните компании е од големо значење, бидејќи тоа ќе го засили ефектот од влезот на странски фирми во земјава. За странските фирми тој ќе значи поврзување со квалитетни добавувачи, додека за домашните компании ќе значи дополнителна работа, можност за пласман на нови пазари и пренос на know-how, смета министерот за финансии Тевдовски.

На состанокот утре во рамки на основната тема „Како до поправеден систем за сите“, ќе се разговара за сѐ поголемата нееднаквост во доходот, факторите што го предизвикуваат овој тренд, долгорочните и краткорочните последици од тоа врз економскиот раст, но и во повеќе други сегменти од општеството и инструментите и политиките што им стојат на располагање на носителите на политиките.

Притоа, како што соопшти гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, посебен акцент ќе биде ставен на политиките за промовирање поголема конкуренција, ефективно користење на фискалната политика за редистрибутивни цели, подобрување на управувањето во сферата на финансискиот сектор и на инвестициите во човечки капитал.

Како дел од годишните средби на Економскиот факултет во Скопје пред студентите ќе одржат предавања Антони де Ланој извршен директор на ММФ и Кун Дависе извршен директор на Светска банка.

Во Холандско-белгиската конституенца, покрај Холандија, Белгија и нашата земја, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.