Остри критики од официјална Атина до грчката црква за ставовите за терминот Македонија

Дали црквата чекори заедно со Златна зора? Ако не, пак, црквата да ни каже за кое име да преговараме со Скопје. Црквата се меша во дипломатски прашања, а не сака државата да се меша во црковните случаи. Ова се дел од прашањата и дилемите на извори од грчкото МНР, според „Катимерини“, по одлуката на Светиот синод на Грчката православна црква, дека не го прифаќаат ниту терминот Македонија ниту било кој друг изведен збор во името на нашата земја.

„Катимерини“, јавува дописникот на МИА од Атина, во денешното издание, во текстот под наслов „Отворен фронт со црквата за името“, пренесува ставови на Министерството за надворешни работи на Грција.

Неколку часа по соопштението од ГПЦ, извори од грчкото МНР, за весникот остро ја коментирале одлуката на црквата, поставувајќи пет теми:

1. Дали раководството на црквата одлучи да чекори заедно со неноацистичката конструкција на Златна Зора?

2. Дали црквата реши отворено да се меша во политиката на земјата? Ги премина границите на нејзините надлежности. Ако не, можеби да ни каже црквата и кое име го сака, за владата за тоа име да преговара со Скопје.

3. Црквата не се ни потруди да ја праша владата за да биде информирана за текот на преговорите.

4. Црквата се меша во државни и дипломатски случаи за сериозни национални прашања од надворешната политика, а во исто време не сака државата да се меша во нејзините свети случаи.

5. Црквата треба да биде особено внимателна и да се фокусира на националниот интерес, а не на личните интереси на архијереите.

Овие ставови на изворите од грчкото МНР за „Катимерини“, ги коментирал член на Светиот синод на грчката православна црква, кој рекол дека црквата не се меша во политиката, но има право да го изрази своето мислење, „слушајќи ги агониите на грчкиот народ“.

– Бидејќи прашањето, освен национално и политичко, е и црковно, Министерството за надворешни работи нека ги испрати неговите прашања до главната православна црква, до Вселенската патријаршија во Истанбул, која најдобро од сите ги знае прашањата што се однесуваат на расколничката црква на Скопје, која самата се нарекува „македонска“, коментирал за „Катимерини“, член на Светиот синод на ГПЦ.

Како што вчера јави дописникот на МИА од Атина, Светиот синод на Грчката православна црква по дводневната седница, го повтори ставот дека не прифаќа терминот Македонија или било каков друг изведен збор да биде вклучен во името.

Смета дека името на државата ќе има влијание и врз името на како што велат, „расколничката самопрогласена македонска црква“, а според грчките медиуми, Светиот синод испратил допис до грчкиот премиер Ципрас за да ги изрази ставовите на црквата.

– Грчката црква со слово и крв на свештенството и народот има сведочено за грчкиот карактер на Македонија од античко време, затоа не може да прифати доделување на терминот „Македонија“ или изведени зборови како компонента во името на друга држава, што ќе има влијание и во името на расколничката самопрогласена црква на „Македонија“. Исто така, очекуваме од одговорната грчка влада, која управува со прашањето, да ја разбере загриженост на црквата, која е загриженост и на вселенскиот хеленизам, соопштија, како пренесе вчера МИА, од грчката православна црква.

На крајот од дводневната седница, грчкиот архиепископ Јеронимос, рече дека црквата има секакво оправдување да се интересира за конкретното прашање поради огромната раздвиженост што постои, поради тоа што не е само национално, туку и црковно прашање