Претседателот на Собранието, Талат Џафери во рамки на официјалната посета на Народна Република Кина, денеска во Шангај се сретна со претседателот на Шангајскиот комитет на Кинескиот народен политички консултативен совет, Донг Јунху.
Во делегацијата се потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи: на СДСМ, Јован Митрески, на ДУИ, Ејуп Алими, на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, претседателот на Пратеничката група за соработка со Народна Република Кина, Владанка Авировиќ и генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова.
Клучните функции на Советот вклучуваат консултации за фундаменталните политики и принципи на национално и локално ниво за најважните прашања од политичкиот, економскиот, културниот и социјалниот живот, во процесот на донесување на законите и следење на нивната имплементација.
Од Кабинетот на Џафери соопштија дека на средбата Донг истакнал дека иако географски оддалечени, двете држави негуваат одлични билатерални односи и остваруваат соработка во различни области. Тој подетално ги запознал гостите со развојот на Шангај и со неговата улога на лидер во земјата по реформите и иновациите и изрази подготвеност за споделување на сите искуства и добри практики. Во врска со одржувањето на ЕКСПО за извоз и увоз, што до крајот на годинава треба да се одржи во Шангај, Донг посочил дека би сакал и Република Северна Македонија да учествува и да ги претстави своите производи и услуги на светскиот саем.
Џафери изразил задоволство што односите меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување, а фактот што официјалната посета на НР Кина почнува во Шангај, го оценил како своевидно охрабрување за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави. Тој нагласил дека парламентите, владите и другите институции треба постојано да вложуваат напори за создавање широка рамка на билатерални спогодби кои создаваат поволни услови за соработка во повеќе области. Запознавајќи ги домаќините со актуелните случувања на домашната политичка сцена како и со надворешно политичките стратешки определби на државата, Џафери изразил надеж дека до крајот на годината Република Северна Македонија ќе стане 30 земја-членка на НАТО и дека до крајот на месецов ќе добие датум за почеток на преговори со Европската Унија.
Двајцата соговорници изразиле уверување дека добрите политички односи ќе бидат добра основа за понатамошно развивање на економските односи, како на билатерално ниво така и во рамките на Процесот за соработка 17+1 на НР Кина и земјите од Источна и Централна Европа.
Делегацијата на Собранието го посетила и Центарот за урбано планирање на градот Шангај, кој има население од 24 милиони жители и се протега на површина од 660 километри квадратни, а својот најголем развој го доживува во последните 20 години. Било претставено и функционирањето на локалните центри и начинот на кој се решаваат урбаните проблеми, а кој како модел се применува и во останатите градови во НР Кина.